Република: Аферата се продлабочува-Бучковски и Црвенковски во војна за избор на „крајно неспособниот” Кире Наумов за директор на „Мобимак“

Доказните материјали доставени до судот во Њујорк во корупцискиот скандал „Телеком“, откриваат детали и за ривалството меѓу разните фракции во СДСМ околу тоа кој ќе биде директор на исклучително профитабилниот мобилен оператор, „Мобимак“. Согласно со договорот со унгарските и со германските директори од „Маѓар телеком“ и „Дојче телеком“, директорот на „Мобимак“ требало да биде Македонец, и да ја има поддршката на политичкото раководство на СДСМ, пишува порталот „Република“, пренесува Нетпрес.

Во писмо испратено на 11 декември 2004 година, од Елек Штрауб до претседателот на бордот на директори на „Македонски телекомуникации“, Дејан Мицковиќ и до советникот во кабинетот на премиерот, Јован Пејковски, се наведува дека „Маѓар телеком“ е подготвена да именува кандидат за директор на „Мобимак“, кој ќе биде прифатлив и за македонската страна.

doc1

– Како што знаете, во скоро време треба да се избере главен извршен директор на Мобимак. ‘Маѓар телеком’ бара кандидат кој ќе ја има соодветната поддршка на сите главни акционери во групацијата Мактел за оваа важна позиција. Оттаму, високо ќе цениме ако добиеме ваш предлог за соодветен кандидат, кој ќе ја има целосната поддршка на политичкото раководство на Македонија (Владата и Кабинетот на Претседателот) и тоа ќе биде силна насока за нас во изборот на кандидатот за директор, пишува Штрауб во писмото до Мицковиќ и Пејковски.

Ова практично го почнува долгиот судир во кој премиерот Владо Бучковски и претседателот Бранко Црвенковски отворено се натпреваруваа околу тоа кој ќе биде новит директор на „Мобимак“. Во игра беа пуленот на Црвенковски – поранешниот директор на Агенцијата за Разузнавање и подоцнежен кандидат за лидер на СДСМ Кире Наумов, и менаџерот на „Мобимак“, Рубинчо Заревски, кој ја имал поддршката на Бучковски, пишува порталот.

kire

Документите доставени пред судот покажуваат како на 31 мај 2005 година Андраш Балог, директор во „Маѓар телеком“, му испраќа електронска пошта на главниот директор Елек Штрауб.

Тие дискутираат за криминалниот Протокол за соработка – документот потпишан од страна на премиерот Владо Бучковски, со кој, тој се обврзал дека Владата нема да распише јавен оглас за трет мобилен оператор – обезбедувајќи ја монополската позиција на „Мобимак“ и гарантирајќи дека македонските граѓани со години ќе продолжат да плаќаат енормно високи цени за телефонските услуги.

Но, во оваа електронска пошта, Балог го информира Штрауб и за текот на разговорите за именувањето на директорот на „Мобимак“ и за ривалитетот внатре во СДСМ, меѓу фракциите на Бучковски и Црвенковски, при што Црвенковски инсистирал „крајно неспособниот” Кире Наумов да биде именуван за директор на „Мобимак“, пишува „Република“.

-Случајот Директор на Мобимак. Нико (Нико е Ставрос Николаос Ставридис, соработник на Контоминас и посредник меѓу политичарите на СДСМ и унгарските менаџери во ‘Маѓар телеком’) ни јави вчера дека заеднички кандидат на премиерот и на претседателот за директор на Мобимак е Кире Наумов (согласно нашиот договор, директорот на Мобимак треба да биде Македонец). За време на интервјуто во Будимпешта, Кире Наумов, пред сите луѓе со кои се сретна, демонстрираше дека е крајно несоодветен за оваа функција. Според нашите извори на информации во Скопје, Наумов е човек на претседателот (Црвенковски) и претседателот лобира преку Грците тој да биде избран. Нико и неговите колеги сметаат дека се повторно ќе се расипе ако не го именуваме Наумов, пишува во пораката што ја пренесува „Република“.

doc2

Понатаму, Балог му вели на Штрауб дека постојат неколку опции како компанијата да излезе од оваа криза. Едно од нив е можноста да се именува Рубинчо Заревски, дотогашен директор за стратегиски прашања во „Мобимак“, како кандидат кој ја имал поддршката на Бучковски. Можни решенија.

1. Да го именуваме Рубинчо на позицијата, привремено или трајно.

2. Да го именуваме Мајкл Лоренс на позицијата на неопределено време и да лобираме за соодветен кандидат (Рубинчо), имајќи предвид дека оваа позиција треба да му припадне на Македонец.

3. Љубезно да го тргнеме Наумов настрана – на пример, да ѝ предложиме на Владата тој да влезе во бордот на директори, и да му дадеме позиција на консултант, заедно со Атила.

4. Да го именуваме Наумов за директор, но пред тоа, да ги префрлиме сите овластувања од него, како извршен директор, на главниот оперативен директор. Ова нема да биде лесно според новиот македонски закон за трговски друштва, но може да биде изводливо, пишува во пораката од Балог до Штрауб. Двајцата, и Штрауб и Балог, се обвинети пред судот во Њујорк за давање поткуп на македонски политичари од СДСМ и ДУИ, во замена за нивната согласност што е можно подолго да потрае монополската позиција на „Македонски телекомуникации“ и „Мобимак“ на македонскиот пазар.

На крајот, Рубинчо Заревски беше именуван за директор на „Мобимак“, а Кире Наумов започна кариера како политички експерт и неуспешен кандидат за лидер на СДСМ, пишува порталот Република.