
Еден од најдобрите ракометари на позицијата лево крило во светот, Генсхајмер реши да го напушти неговиот матичен Рајн-Некар по 11 години верност. По долго “кокетирање” со Барселона и со Кил во прв ред, сепак ги напушти “лавовите” и ќе премине во актуелниот првак на Франција.
Одлуката да го напуштам Рајн-Некар беше дефинитивно најтешката во целата моја кариера. Сите знаат колку ми значи Рајн-Некар, како човек кој се родил во Манхајм. Тешко ми беше да замислам да преминам во друг германски клуб. По долго размислување дојдов до заклучок дека сакам да пробам нешто ново во кариерата и затоа сега е вистинското време за трансфер во странство. До крајот на сезоната ќе продолжам да ги спроведувам моите обврски кон ‘лавовите’. Имаме фантастичен тим и големи шанси за титулата оваа година. Би било најубавото нешто во животот да се збогувам со титула, изјави 28-годишниот Генсхајмер.
ПСЖ со тоа ќе стане уште посилен и побогат за уште една ѕвезда, откако годинава ги донесе браќата Карабатиќ и тренерот Нока Сердарушиќ. Сѐ уште не се познати деталите за договорот и колкава сума тој достигнал.
Летово богатите катарски сопственици на ПСЖ поставија нов рекорд, купувајќи го Никола Карабатиќ за 1,5 милиони евра.