Претседателот на Владата на Република Македонија Никола Груевски, вчера во Њујорк, САД, се обрати на Самитот на ОН (Обединетите Нации) за одржлив развој.
Во своето обраќање премиерот ја поздрави и поддржа универзалната агенда за намалување на сиромаштијата и подобрување на благосостојбата на граѓаните, преточена во документот „Трансформирање на нашиот свет: Агенда за одржлив развој 2030“. Посочи дека целите за одржлив развој треба да се постигнат со здружени сили во партнерство на глобално, регионално, национално и локално ниво.
Премиерот Груевски ја истакна регионалната посветеност на земјите од Централна и Источна Европа за придонес во реализација на целите за одржливиот развој.
Централно-европската иницијатива со која претседава Република Македонија сака да биде активно вклучена во спроведувањето на пост 2015 развојната агенда, а земјите-членки ја искажуваат својата подготвеност за конкретен регионален придонес, за преносот на знаења и размена на најдобрите практики во различни иницијативи за одржлив развој, градење капацитети на јавните институции и подигнувањето на свеста, истакна премиерот Груевски.
Македонија активно придонесува кон заедничките цели
Груевски потенцираше дека Република Македонија активно придонесува кон заедничките цели, и дека по Конференцијата за одржлив развој во Рио де Женеиро се интегрираат принципите за одржлив развој во нашите национални политики.
Основавме Национален совет и ја усвоивме Националната стратегија за одржлив развој. Во јули подготвивме преглед за напредокот во спроведувањето на Стратегијата што беше претставена пред Одделот за економски и социјални работи и Одделот за одржлив развој на ОН. Следен чекор е да се вклучат целите за одржлив развој во нашите стратегиски документи, вклучително и Акцискиот план за одржлив развој. Очекуваме да добиеме поддршка преку новата УНДАФ – Рамка за развој на помош при ОН 2016-2020, што се подготвува во консултации со сите релевантни страни, додаде премиерот Груевски.
Тој ја изрази активната партиципација на нашата земја во остварувањето на одржливиот развој, и работата на столбовите на одржливиот развој, кои значат комплементарни активности за поддршка на социјално ранливите групи и поттикнувањето на вработувањата.
За социјално ранливите ги зголемивме социјалните трансфери за над 50%, воведени се и зголемени финансиски надоместоци за ранливи категории, а посебно за децата без родителска грижа, а работодавците ги ослободивме од плаќање на давачки за плата за нивно вработување во период од 5 или повеќе години. Преку странските инвестиции и поддршката на приватниот сектор невработеноста во нашата земја е намалена за над 11%. За вработување на млади лица до 35 годишна возраст, државата ги плаќа придонесите за социјално осигурување и персоналниот данок, истакна македонскиот премиер во своето обраќање.
Претседателот на македонската Владата се осврна и на активните политики и мерки кои се спроведуваат за поддршка на младите и достигнување на родова еднаквост.
За младите, буџетот за образование изнесува 5-6% од БДП, на ниво на земјите од ОЕЦД. Воведени се Кембриџ наставните програми за математика и природни науки, изучувањето на англиски јазик е од прво одделение, а на втор странски јазик од шесто одделение. Обезбеден е компјутер за секое дете во основните и средните училишта. Се бориме за елиминирање на сите форми на насилство против жените и девојките, особено за стопирање на трговијата со бело робје за што добиваме највисоки оценки од релевантни меѓународни институции, економскиот статус на жените го унапредуваме преку посебните програми и финансирања, поволности за вработувања на самохраните мајки, продолжување на породилното отсуство и посебните заштити на вработените мајки, како и промовирањето на зголемено учество на жените во политичкиот живот, изјави премиерот Груевски.