Господинот Жерновски не ја кажува вистината кога тврди дека „Град Скопје има намера да изгради улица“, кога вистината е дека оваа пристапна улица што ќе се гради на кејот „13 Ноември“, на потегот од улицата „Филип Втори Македонски“ до објектот на Телеком, е предвидена со Детален урбанистички план донесен од Општина Центар.
Град Скопје реагира на изнесените лаги од страна на градоначалникот на Општина Центар, Андреј Жерновски поврзани со изградбата на пристапната улица со посебен режим на кејот „13 Ноември“.
Од Градот велат дека Жерновски не ја кажува вистината кога тврди дека „Град Скопје има намера да изгради улица“, кога вистината е дека оваа пристапна улица е предвидена со Детален урбанистички план донесен од Општина Центар.
Не е точно тврдењето на Жерновски дека станува збор за „транспортна улица“ која се гради на кејот „13 Ноември“. Станува збор за пристапна улица со посебен сообраќаен режим за која Град Скопје има законска обврска да издаде согласност, а ќе ја гради приватен инвеститор. Повторуваме, станува збор за пристапна улица, која нема да биде сообраќајна и истата ќе биде уредена од плочки, а не од асфалт или слично на улицата Никола Вапцаров. За оваа пристапна улица ќе важи посебен режим за движење на моторните возила, поточно истата ќе биде достапна само за службените возила на Телеком, за достава на роба до околните угостителски објекти, како и за пристап на противпожарните возила и возилата на брза помош, кој и сега се движат по истиот простор, појаснуваат од Град Скопје.
Од Град Скопје велат дека ова не е прв пат градоначалникот Жерновски да се користи со невистини во неговиот обид за добивање на евтини политички поени.
Ова не е и прв пат градоначалникот Жерновски да покаже елементарно непознавање на законските ингеренции на Општина Центар и Градот Скопје, па оттаму и произлегуваат ваквите негови изјави кои можеме да ги оквалификуваме единствено како конфузни и за дневно-политички цели, се вели во соопштението.
Градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски претодно одржа прес конференција на која информира дека вчера до Советот доставил одлука со која се забрануваат градежни активности во опфатот помеѓу реката Вардар, улица „Војвода Васил Аџиларски“, улица „Димитрија Чуповски“, улица „Македонија“, Плоштад „Македонија“ и Камени Мост. Во овој реон спаѓа и Кејот на Вардар. Со оваа одлука, како што информира, до истекот на оваа календарска година, сите градежни активности ќе бидат забранети.