Во Охрид денеска беше презентирано најголемото енциклопедиско дело посветено на православието во светот, специјалното издание на досега објавените 38 тома од големиот проект „Православна енциклопедија“, во издание на Руската православна црква, а под редакција на патријархот московски и на цела Русија, г. г. Кирил.
На свеченоста организирана од Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ и Амбасадата на Руската Федерација во Скопје, беше истакнато дека „Православна енциклопедија“ е специјализирано информативно издание со две задачи – да даде сеопфатна информација од двеилјадигодишната историја до информација за современата состојба на православната ехумена, како и да ги запознае читателите со другите христијански конфесии и нехристијанските религии, а исто така со природните науки, културни, филозофии, уметности, политики повеќе или помалку поврзани со религијата. Особено внимание енциклопедијата посветува на црковниот живот во 20 век.
Во обраќањето пред присутните претставници на МПЦ, на Министерството за култура, на Владата на Руската Федерација, Амбасадата на Руската Федерација во Македонија, на Православната енцикопедија, универзитетски професори и други гости, ректорот на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ Велимир Стојковски потсети на блиските врски на братските народи на Македонија и на Русија, кои ги споделуваат заедничката православна традиција, заедничката култура и заедничките цивилизациски вредности.
Стојковски, кој денеска беше именуван за одговорен редактор за делот на енциклопедијата посветен на Македонија, истакна дека тоа е од огромно значење за државата од научен аспект, оттаму што станува збор за капитално дело што веројатно ќе има повеќе од 60 тома.
Динамиката за истражување во таа област е веќе утврдена така што на истражувањата предвидени за одредницата „М“ ќе бидат посветени седум месеци, додека за буквата „О“ каде спаѓа Охрид и Охридската архиепископија, повеќе од една година, рече Стојковски појаснувајќи дека во тој проект ќе бидат вклучени сите субјекти и автори што имаат научни публикации и познавања од односната проблематика.
Михаил Швидкој, специјалниот претставник на рускиот претседател за меѓународна културна соработка, од своја страна забележа дека „Православна енциклопедија“ е можеби најголемиот научен проект во последните 50 години, дело со исклучителна важност не само за Русија и за православните земји, туку за светот воопшто.
За секој човек од Русија престојот во Охрид претставува особена чест, оттаму што тоа е местото на изворите на православието, местото каде твореше Климент кој на целиот православен свет му го подари кириличното писмо. Токму затоа православната енциклопедија ја донесовме тука во Охрид, истакна Швидкој.
Поглаварот на МПЦ, архепископот охридски и македонски, г.г. Стефан од своја страна истакна дека презентирањето на „Православната енциклопедија“ во Охрид е историски настан, настан што веројатно ќе даде нови импулси на соработката, како на Руската Федерација и Република Македонија, така и на Руската православна црква и Македонската православна црква – Охридска архипепископија.
Слушнавме до каде се подготвени томовите, 38 досега, а ќе следат и томовите во кои ќе се обработуваат теми на буквите „М“ и „О“, во кои посебно место ќе имаат Македонија, МПЦ, Охрид, нешто што ќе го потврди и вековното пријателство и врските меѓу рускиот и македонскиот православен народ и секако нешто што ќе ја прикаже вистината за црквата во Македонија, нејзините корени, животот во овие 20 христијански векови, а секако свое место ќе најде и актуелниот живот и статус на МПЦ, рече г.г. Стефан.
Директорот на „Православната енциклопедија“, Сергеј Кравец, истакна дека му претставува голема чест што е тука да ја претстави енциклопедијата, како што рече, „во земјата во која христијанството и православието живее уште од апостолските времиња, земја која ни е многу драга и која ја чувствуваме како наша родна“.
Престојувајќи тука потполно јасно разбирам зошто изворите на православието во Русија се поврзуваат со убавина. Во Русија се чувствуваат врските кои ги спојуваат двете држави, а тоа што „Православната енциклопедија“ сега е тука, тоа не значи дека таа ќе биде само дел од библиотеката на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, туку основа за нашата идна, верувам плодна соработка, рече Кравец.
Според него, засега е предвидено е во томот на енциклопедијата за буквата „М“ за Македонија да бидат посветени сто статии и текстови, со забелешка дека е отворен просторот за дополнување и на веќе објавените изданија со текстови, за што е потребна активна вклученост на македонските истражувачи.
„Православната енциклопедија“ во Русија претставува научен центар, на чие печатено и електронско издание работат како редовно вработени сто автори, со повеќе од илјада автори како надворешни соработници. Институцијата „Православна енциклопедија“ е основана во 1998 година со одлука на претседателот на Руската Федерација и на тогашниот патријарх московски и на цела Русија, Алексеј Втори, како истражувачки центар во кој се обединети сите ресурси што ги поседуваат науката, државата и црквата.