Со продажбата на имот на легендарниот Пабло Ескобар и преговорите на продажба на прекрасната вила на Ал Капоне, стружанецот Мирче Чуркоски, се постави себеси на врвот на пазарот со луксузни недвижнини во Америка.
Додека светските медиуми на големо зборуваат за имот на американскиот гангстер Ал Капоне кој се продава за 8,5 милиони долари, Вест пишува за успешниот Македонец кој ја има честа да го продава овој имот.
Чуркоски работи како агент за недвижнини на агенцијата „Сотби интернешенал риалти“ кој ја води еден од најпознатите агенти за недвижнини Карлос Хусто. Тие работат со продажба на вили и куќи со поглед на вода, секоја вредна над два милиони долари.
„Во овој кршлив и нестабилен маркет, едно нешто е многу цврсто, а тоа е маркетот на луксузните недвижности. Освен многу среќа, ми требаше многу храброст, упорност, силна желба, и се разбира знаење, за да им помогнам на славните и најуспешните бизнисмени да ја пронајдат куќата од нивните соништа или добра инвестиција. Да се соработува со нив е привилегија, а и голем предизвик“, изјави за Вест, успешниот стружанец, кого американскиот влијателен портал за бизнис и технологија „Бизнис инсајдер“ го рангираше како еден од најдобрите агенти за недвижнини во Америка.
Триесет и четиригодишниот Чуркоски во Америка пристигнал на 15 години. Ви Чикаго завршил средно образование, а потоа продолжил и на колеџ. На само 20 години,пишува Вест, тој отворил своја транспортна компанија, а четири години подоцна купил италијански ресторан и го разработил. Во бизнисот со недвижнини влегол откако добил добра понуда за ресторанот.
Досега овој стружанец има продадено многу вили, а дел од неговите клинети се и член на кралското семејство од Саудиска Арабија, на кошаркарот Двејн Вејд и познатиот рапер Лил Вејн.
„Веригата од куќи кои ги имам за продажба на Улицата на богатите или позната како Норт Беј Роуд, се одличен продукт на овој маркет. Иако ова опфаќа склоп на куќи со различен стил- модерен, традиционален, медитерански, сите се карактеризираат со ништо помалку од најдоброто. Мајами прерасна во светска метропола која ги привлекува богатите од цел свет. Топлото време и прекрасните плажи придонесуваат овој град со право да се нарече рај. Адријана Лима, Шакира, Енрике Инглесијај, Двејн Вејд, Камерон Дијаз, Ева Лонгорија, Мајкл Беј се само неколку од многуте светски ѕвезди со кои имам соработувано и соработувам. Останатите и се помалку познати на јавноста“, вели Чуркоски за Вест.
Тој истакнал дека во моментов има над 100 милиони долари вредност во недвижнини за продажба на Мајами Бич, во кој спаѓа и некогашниот дом на Ал Капоне. Имотот на Ескобар го продал за 10 милиони долари.