Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 28 септември- Преподобен Харитон Исповедник.
Харитон беше угледен и благочестив граѓанин во градот Иконија. Задоен со духот на својата сограѓанка Текла, Харитон јавно го исповедаше името на Христос.
Кога почна лутото гонење на христијаните во времето на Аврелијан, Харитон веднаш беше изведен на суд пред хегемонот. Судијата му рече да им се поклони на боговите (т.е. на идолите), на што Харитон му одговори: „Сите ваши богови се бесови, коишто се струполени негде заради гордоста во најкрајната темнина.“
И Светиот Харитон јасно ја објави својата вера во Единиот жив Бог, Создателот на се, во Господ Исус, Спасител на сите луѓе. Тогаш хегемонот нареди и го биеја и го измачуваа телото на Харитон во толкава мера што целото тело му го прекрија со рани, така што целото беше како една рана.
После ненавидната смрт на Аврелијан, којашто во тоа време го постигна злосторникот, Харитон беше ослободен од маките и од затворот. Тој тогаш се упати во Ерусалим. На патот го фатија разбојници, од кои по Божја Промисла се ослободи. И не сакаше повеќе да се враќа во Иконија, туку се повлече во Фаранската пустина, каде што основа обител и собра многубројни монаси.
Откако ѝ даде типик на оваа обител и сакајќи да ги одбегне човечките пофалби, тој се оддалечи во една друга пустина кон Ерихон, каде повторно со време беше основана друга обител, наречена Харитонова.
Најпосле основа и трета обител, наречена Сукиска или на грчки Стара Лавра. Се упокои во длабока старост и се пресели во славата на својот Господ на 28 септември 350 година.
Неговите мошти почиваат во неговата прва обител. На Св. Харитон му го припишуваат составот на чинот за монашки потстриг.