
Состојбата со поплавите кои ги предизвика големото невреме што во изминатото деноноќие го зафати Охрид полека се стабилизираат. Министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски од вчера е во Охрид, а денеска во 12.30 часот ќе изврши увид во санирање на штетите во поплавените подрачја во Охрид.
Екипи на јавните претпријатија, потпомогнати од противпожарната служба и механизација работат на санирање на последиците од поплавите кои ги предизвика дождот. По синоќешната координативна средба министерот Мисајловски веднаш ја обезбеди потребната механизација за справување со последиците од невремето.
– Веднаш договараме да се обезбеди дополнителна механизација и пумпи, остварив контакт со градоначалникот на град Скопје и ЈП Водовод на град Скопје кои дополнително ќе дадат механизација, а ќе има и неколку кипери“. Ги утврдивме сите критични точки што се појавија во Охрид; три свлечишта кои се наоѓаат на патот од Охрид до Свети Наум: кај автокампот Елешец, на влезот од селото Пештани и во центарот на Пештани, како и свлечиштата во Велгошти и Долно Лакочереј. Како што добив информација од Македонија пат, денеска се санирани сите свлечишта, но во текот на денот има постојани одрони, кои постојано се чистат и моментално се проодни сите патишта. За дел од каналите кои биле запушени веднаш излегле екипи за да ги исчистат, направени се дополнителни пропусти за вода, а каналите се и проширени. Поплавени се и неколку подрумски простории, дел од неколку куќи, рече Мисајловски синоќа.
По интензивни врнежи од дожд кои ја зафатија државата и регионот и кои предизвикаа поплави во Охрид и околината, Градот Скопје вчеравечер испрати тим на лица и техничка помош и механизација за справување со поплавите.
Градот Скопје испрати две цистерни за влечење на вода од ЈП “Водовод и канализација”, едно противпожарно теренско возило, како и две моќни пумпи за испумпување на вода.
Со техничката помош на терен во поплавените делови испратена е екипа пожарникари од Противпожарната бригада на Град Скопје, поголем број на лица од Штабот за заштита и спасување на Град Скопје, како и од јавните претпријатија.
Штабот за заштита и спасување на Град Скопје ќе ја прати состојбата на терен и доколку има потреба ќе испрати дополнителна помош.