Се исполни желбата на 12-годишниот Кристијан, ќе се врати во училиште

Се исполни желбата на 12- годишниот Кристијан Коцев од Долни Балван, општина Карбинци да го продолжи своето образование.

Големата желба да учи и покрај проблемите со моториката, но одличниот психички развој, беше само дополнителен мотив да се најде решение за тоа зошто Кристијан речиси еден месец не посетувал настава во централното училиште во „Страшо Пинџур“ во Карбинци.

Заменик министерот за образование Спиро Ристовски, денес го посети семејството Коцеви, а оствари средба и со градоначалникот и надлежните од училиштето.

 

kristijan-shkoloРистовски уверува дека малиот Кристијан ќе го продолжи своето образование во редовна настава. Во соработка со Бирото за развој на образование и училиштето ќе биде изготвена посебна програма за работа со Кристијан, која во основа ќе биде идентична со редовната настава, но адаптирана.

МОН во соработка со општина Карбинци ќе ги направи сите потребни адаптации и прилагодувања за Кристијан да го продолжи своето образование во основното училиште. Разговаравме со градоначалникот, веројатно ќе се направи некоја реорганизација во училиштето во смисла на распоредување на кабинетите за тој да има полесен пристап, меѓутоа ве уверувам дека тој ќе ја продолжи својата настава во редовно училиште бидејќи тоа е и законска обрска за сите училишта за инклузија на децата со посебни потребни, истакна Ристовски.

Градоначалникот на Карбинци, Зоран Минов информира дека општината има поставено пристапни рампи во училиштата за ученици со посебни потребни, но во училиштето на Кристијан нема поставено лифт. Градоначалникот вети дека и овој проблем ќе се реши.

Директорката на училиштето „Страшо Пинџур“, каде Кристијан ќе го продолжи своето образование, посочи дека уште денес ќе биде направена реорганизација на кабинетите, а Кристијан ќе може да посетува настава без да биде придружуван од родителите.