
Расправата за Предлог-буџетот на Република Македонија за 2016-та година продолжува утре. Членовите на Комисијата за финансирање и буџет утре треба да продолжат со расправата за буџетот за следната година.
На денешната седница вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески во реплика на пратеникот Газменд Алији од ДПА, нагласи дека во Буџетот за следната година има средства за почеток на реализација на три нови технолошко-индустриски развојни зони (ТИРЗ).
Едната од овие зони ќе биде во Липково по барање на коалицискиот партнер, другата во Куманово, каде што живее мешовито население и каде што има претставници од сите етнички заедници, а третата во Маврово – Ростуше.
Претходно, пратеникот Алији забележа дека недостасуваат ТИРЗ каде што има албанско население, оценувајќи дека ваквиот начин на споредба и инсинуациите дека се фаворизира одредена етничка заедница за сметка на други не е соодветен и не е прифатлив.
Додека работам на буџетот и на неговото формирање, секогаш ќе се борам и како поединец и како член на Владата за повеќе проекти и повеќе средства за сите етнички заедници и решавање на проблемите што ги тангираат и Македонците и Албанците, Турците, Ромите, Бошњаците и Власите сите и сите други што живеат во Македонија, рече вицепремиерот, пренесува МИА.
Ставрески се осврна поголем дел од проектите предвидени за следната година. Како што рече, политиката на владата е да се отворат Технолошко индустриски развојни зони во што повеќе градови и да се вработат и Македонци и Албанци и Турци и Срби, Власи и сите што се невработени да може да дојдат до поголема шанса за работа.

Тој нагласи дека во буџетот на Агенцијата се предвидени за зоната во Струга, каде што исто така живее голем дел албанско население, има 103 милиони денари за нејзина изградба.
И таму кога ќе се отвори фабрика, очекуваме да се вработуваат и Македонци и Албанци и сите други етнички заедници. Во Кичево исто така имаме за дозаокружување на зоната ставено средства, во Тетово има извесни средства,… Нашата политика е да се отворат ТИРЗ во што повеќе градови и да се вработат и Македонци и Албанци и Турци и Срби, Власи и сите што се невработени да може да дојдат до поголема шанса за работа, истакна Ставрески и додаде дека истото се однесува и за проектот за гасификација.
Како што посочи, обезбедени се 90 милиони евра за почеток на гасификација за два нови крака – едниот од Штип преку Неготино до Битола и вториот од Скопје преку Тетово до Гостивар.
И тие ќе почнат со реализација во исто време доколку со експропријацијата се заврши се како што е предвидено. Ќе видите дека во 2016 година ќе почне реално градба на гасификациската мрежа и од Скопје кон Тетово и од Штип кон Битола. И тука парите се обезбедени, рече Ставрески.
Кај патиштата за Коридорот 8, Ставрески нагласи дека изградбата на овој патен правец се одвива преку Јавното претпријатие.
Тоа не е прикажано во Буџетот, меѓутоа на Коридорот 8 се реализира проектот од Кичево до Охрид односно до Струга и таму живеат Македонци, Албанци и сите други и го користат тој коридор. Предвидени се средства за изградба на патот од Требеништа кон Струга, за изградба на пат Тетово-Гостивар и многу други проекти каде што живее албанско население, истакна Ставрески.
Се прават, потсети, театар и библиотека во Тетово, но и таму, како што рече, ќе одат и Македонците што живеат во Тетово.
За Равен Речица, нагласи, проектот е ставен во програмата за рурален развој.
Предвидени се одредени активности на овој проект, како и на многу други. Тоа е составен дел на програмата на Владата на РМ, како и на другите проекти во делот на изградба на водоснабдителни системи или системи за наводнување. Има одредена динамика, проектна документација и слично се работи значи како и на многу други проекти, информира Ставрески.
Во делот на ИПА, Министерството за финансии, како што нагласи вицепремиерот, многу внимава да бидат опфатени сите општини. Ќе се реализираат проектите што локалните самоуправи ги барале, а средствата за инфратсруктурата, патишта, водоснабдување,…, се обезбедени. Станува збор за Арачиново, Боговиње, Камењане, Брвеница, Желино, Челопек, Липково, Кичево,…
Реџаиљ Исмаили од ДУИ рече дека во Предлог – буџетот за 2016 година има зголемување во сите сегменти – капитални инвестиции, субвенции, блок дотации и секоја дејност е во служба на граѓаните. ДУИ, посочи тој, е за пропорционално распределен и балансиран буџет.
Расправата за Предлог-буџетот на Република Македонија за 2016 година продолжува утре.