Двојно помали комуналии за градење во Аеродром

Од денеска жителите на Долно Лисиче ќе плаќаат двојно помали комуналии за градење.

Имено, на иницијатива на градоначалникот на Општина Аеродром, Ивица Коневски, Советот на Општина Аеродром вчера на 41-вата седница донесе Одлука за намалување на висината на надоместокот за градби во Долно Лисиче и во реонот на патниот правец што ги поврзува Горно и Долно Лисиче, кои се надвор од опфатот на Генералниот урбанистички план на Град Скопје, за 50 проценти.

Тоа значи дека досегашните комуналии, кои се движеа од 40 до 50 евра во денарска противвредност во зависност од намената на објектот во согласност коефициентот на уредување на градежното  земјиште, ќе се намалат на 24 до 25 евра.

Целта на намалувањето на комуналиите е да им се олеснат давачките на граѓаните и да се привлечат нови инвестиции во тој дел на Општина Аеродром.

Намалувањето на надоместокот за градби се однесува на територијата на Долно Лисиче, односно на руралното подрачје надвор од опфатот на ГУП, во согласност со надлежностите на Општина Аеродром што произлегуваат од Законот за градење, а тие се пропишани и во Програмите за уредување на градежно земјиште кои општината ги изготвува  на годишно ниво.