ЕУ уште еднаш изрази загриженост за новиот закон во Турција

Европската унија (ЕУ) уште еднаш изрази загриженост за новиот закон во Турција за ограничувања на интернетот, наведени во новоусвоениот закон од Меџлисот , објави новинската агенција „Чихан“.

Министерот за надворешни работи Ахмет Давутоглу и министерот за евроинтеграции и главен преговарач на Турција со ЕУ, Мевлут Чавушоглу, го посетија Брисел за прв пат по усвојувањето на контроверзниот закон и се сретнаа со европскиот комесар за проширување и европска политика за соседството Штефан Филе. По средбата еврокомесарот посочи во писмена изјава дека за време на разговорите е посветено посебно внимание на важноста на независноста на судството и биле разменети мислења за ново усвоениот закон во земјата.

Членот на Комисијата за граѓански слободи, правда и внатрешни работи, Јозеф Вајденхолзер, исто во писмена изјава ја повика турската влада да го повлече спорниот закон.