Попоски и министрите за надворешни работи разговараа за активностите на ЕУ

На покана на Високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Кетрин Ештон, министерот за надворешни работи на Република Македонија Никола Попоски учествуваше на годишниот традиционален состанок на министрите за надворешни работи на земјите-членки на Европската унија и министрите за надворешни работи на земјите-кандидати за членство во ЕУ, кој се одржа вчера во Брисел.

Главна тема на состанокот беше Јужното и Источното соседство на ЕУ, како и состојбата и предизвиците во Балкански контекст кои се однесуваат на перспективите за членство во ЕУ, како и за можноста за превентивно дејствување во правец на надминување на предизвиците во соседството.

На состанокот исто така беа разменети мислења за активностите на ЕУ за зајакнување на ефикасноста на Заедничната безбедносна и одбранбена политика, во светлина на заклучоците од последниот состанок на Европскиот совет, одржан во декември 2013 година.

Министрите за надворешни работи разменија мислења за активностите и напорите на Европската унија и нејзините партнери за постигнување политичко решение за конфликтот во Сирија и за ангажманот на ЕУ за надминување на актуелната политичка криза во Украина.

Заеднички заклучок е дека е неопходно превентивно дејствување и одлучност за надминување на предизвиците во соседството на ЕУ. Очекувањата од Европа се големи.

Истото е неопходно и во поглед на земји членки кои можат да имаат удел во подигнувањето на кредибилитетот и забрзување на процесот на проширување.

Неопходно е да се види европскиот интерес, а да се одбегне одлагањето на одлуки по инерција. Доволно лекции се научени од ова поглавје и можеби е време да се примени визионерски пристап.

Тоа најмногу го очекуваме од тековното ЕУ претседателство.

Во 2003 во Солун е дадена извесност за европска иднина на Балканот. Европските избори и очигледниот притисок на радикалните опции мора да биде мотив повеќе за повеќе Европа.