Хан: Средбата заврши без договор, работните групи продолжуваат со работа

Партиските работни групи ќе продолжат со работа, иако рано изутринава без договор за отворените прашања од договорот од Пржино заврши средбата на партиските лидери со посредство на еврокомесарот Јоханес Хан.

Дефинитивно ова не беше добар ден. Не постигнавме договор, но останувам оптимист. Се надевам дека лидерите ја сфатија сериозноста на ситуацијата. Она што е потребно е лидерство, одговорност и водење грижа за интересите на земјата и нејзината иднина, изјави рано утринава околу четири часот по речиси 12-часовните разговори со лидерите на четирите политички партии во Резиденцијата на ЕУ.

Хан изрази  разочараност што не бил постигнат договор околу реконструкцијата на Владата,  согласно Договорот од јуни и јули, а за што според него, имало време неколку недели.

Се надевам дека во текот на денешниот ден ќе се постигне договор.Тоа е апсолутно неопходно за да се придржуваме до договорот од јуни и јули кој беше поздравен од меѓународната заедница, а кој ја одржува жива европската перспектива на земјата. Не можам да предвидам што би значело тоа за европските аспирации. Но, она што е потребно е лидерство, одговорност и водење грижа за интересите на земјата и нејзината иднина. Се е можно. Моите луѓе остануваат тука, но тие не можат да ја завршат работата на политичарите, рече Хан пред да замине за Брисел и посочи дека очекува договорените рокови да се почитуваат, оти нови нема да има.

Димовски: Има прогрес и приближување на ставовите

Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ оцени дека иако не е постигна финален договор, сепак имало прогрес и приближување на ставовите по одделни прашања.

Разговаравме за законот за материјалите кој беше предложен пред една недела во Собранието.Тука се обидуваме да најдеме баланс помеѓу јавниот интерес во смисла на заштита на слободата на изразување и она што е напишано во Договорот од 2 јуни и од 15 јули. Разговаравме и за законот за „свиркачите“ кој е новитет во македонското законодавство,за кој ќе треба да се направат дополнителни напори за доближување, Во текот на утрешниот ден е најавено одржување на повторен состанок на работните групи. Ние ќе останеме целосно посветени на постигнување финален договор околу сите отворени прашања, рече меѓу другото Димовски.

Во однос на Законот за Влада, Димовски подвлече дека е особено значаен, бидејќи предвидува воведување дополнителни заменици министри,  што како регулатива досега ја нема во македонското законодавство поради што, вели, неопходна е измена на законот и прецизно утврдување на нивните надлежности. Како позитивен исчекор од досегашните разговори Димовски го издвои усогласувањето за изборниот законик, за кој вели, можно е уште денеска да се најде во собраниска процедура.