
Директорот на фотографија Наум Доксевски за својот дипломски краток игран филм „Враќање” ја освои наградата „Golden Eye“ во категоријата Најдобар студентски труд на истоимениот фестивал за филмски и ТВ-сниматели кој викендот се одржа во Тбилиси, Грузија.
Во оваа категорија покрај „Враќање” беа номинирани уште два краткометражни играни филма од Унгарија и Германија, а одлуката ја донесе меѓународно жири.
Фестивлот „Golden Eye“ се одржа седма година по ред и покрај доделувањето на наградата негов составен дел беа и презентации на опрема за снимање, мастеркласови со специјални гости, проекции на селектираните филмови во секоја од категориите.
„Враќање” е краток игран филм на режисерката Дина Дума, во продукција на Факултетот за драмски уметности од Скопје, реализиран со буџет од Агенцијата за филм на Македонија. Филмот досега е прикажан на над 30 фестивали и има освоено награди за најдобар филм и за најдобра камера.
Наум Доксевски е дипломиран филмски и ТВ-снимател во класата на проф. Апостол Трпески на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Како директор на фотографија досега има потпишано пет краткометражни играни и неколку документарни филмови.