Двајца лекари од гевгелиската болница биле пијани во четвртокот вечерта кога почина родилката Маја Кадиева и нејзиното бебе, јавува ТВ Сител повикувајќи се на неофицијални извори од истрагата.
Според информациите на Сител, при анализите на крвта кај двајца лекати е пронајдено присуство на алкохол.
Телевизијата јавува дека овие резултати веќе се доставени до велешкото обвинителство кое го води случајот и од каде денеска на распит повикале еден од лекарите.
Уште пред да ги добијат резултатите, внатрешна комисија од болницата донела одлука и двајцата анестезиолози да бидат суспендирани од работа, вели во изјава за Сител директорот на болницата.
Нема да одат на работа додека трае истрагата. Во меѓувреме, поради немање на кадар сите операции во гевгелиската болница се откажани и се препраќаат во Струмица. Во понеделник ќе има и седница на стручен совет кои, според информации на Сител, можат да одлучат за отказни решенија на лекарите.
Според официјалните информации од Обвинителството, во тек е истражна постапка со прибирање на податоци со цел да се утврди дали постои лекарска грешка за смртта на Маја и нејзиното новороденче.
Сопругот на почината родилка најави дека и самиот ќе ја бара правдата. Се сомнева на лекарска грешка бидејќи неговата сопруга имала уредна бременост и ништо не навестувало за трагичниот крај.
Паралелно на случајот работи и комисијата што ја формираше министерството за здравство. Од таму изјавија дека имаат обемна документација и целта е да проверат дали за време на породувањето лекарите ги почитувале протоколите.
Реакција стигна и од Лекарската Комора на Македонија. Оттаму изразија длабоко жалење и сочувство со болката на семејството и блиските на починатата родилка и нејзиното неродено дете, а најавија дека во согласност со своите ингеренции ќе ги преземат сите потребни активности и механизми за да се утврди одговорноста за оваа трагедија со нанадоместливи последици.
Лекарската комора на Македонија изразува длабоко жалење и сочувствува со болката на семејството и блиските на починатата родилка и нејзиното неродено дете, а во согласност со своите ингеренции ќе ги преземе сите потребни активности и механизми за да се утврди одговорноста за оваа трагедија со нанадоместливи последици. За Комората е неприфатливо некој да етикетира и да бара колективна вина и за случаи во кои има индиции за поединечна неодговорност и непрофесионалност, а како професионална асоцијација, во рамките на нашите законски овластувањa, ќе се заложиме причините за оваа трагедија да се утврдат, а виновниците да бидат санкционирани согласно законите, се вели во соопштението.