Бројни придобивки за студентите од проектот „Е-потврди за редовни студенти“ на ФЗОМ. Вкупно 26.481 редовни студенти од минатата учебна година, заклучно со овој месец, ги користат продобивките на проектот „Е-потврди за редовни студенти“ на Фондот за здравствено осигурување.
Благодарение на овој проект, придобивки има и за студентите, но и за факултетите.
Факултетите штедат на време и ресурси, затоа што потврдата за редовно школување веќе нема да се доставува во хартиена форма до подрачната служба на Фондот туку ќе се евидентира автоматски и во електронска форма, а студентите се ослободени од административните формалности и трошоци.
Исто така, за студентите се обезбедува континуитет во здравствено осигурување што е основен предуслов за остварување на некои права од здравственото осигурување, а ќе се заштеди на времето потребно за обезбедување на потврдата.
Со овој проект, овозможено е секоја нова потврда/промена за редовно школување, Фондот да ја добива по електронски пат, од соодветната образовна установа за високо образование.
Порано потврдата за редовно школување студентите требаше да ја заверат во студентски прашања, за потоа да ја достават на шалтерите во подрачните служби на ФЗОМ. Со овој проект редовните студенти веќе не губат време по шалтерите за студентски прашања на своите факултети, ниту пак имаат потреба да чекаат ред на шалтерите на подрачната служба на Фондот. Со електронската потврда која ја праќаат високообразовните институции, сега редовните студенти може да остварат право на здравствено осигурување и да си ги добиваат потребните здравствени услуги.
Од Фондот информираат дека високообразовните институции со кои ФЗОМ има склучено договор за податоци за редовни студенти доставуваат ажурирани податоци за редовни студенти на веб порталот на Фондот за здравствено осигурување на Македонија.
Оттаму, апелираат сите високообразовни институции кои имаат потпишано договор со Фондот за здравствено осигурување на Македонија, а не доставиле електронски податоци за редовни студенти, истото да го направат најдоцна до 31.10.2015 (по завршување на периодот за запишување на семестар).
Во прилогот подолу, е листата на високообразовни институции кои имаат потпишано договор со ФЗОМ за електронска обработка на податоци за редовни студенти. Со ова, на студентите, без никакви административни формалности и трошоци им се обезбедува континуирано здравствено осигурување.