Иванов оствари средба со амбасдадори на земји членки на ЕУ

Претседателот Иванов оствари средба со неколкумина дипломатски претставници на земји членки на ЕУ.

На средбата со делегацијата од амбасадорите и замениците-амбасадори на Чешката Република, Република Австрија, Словачката Република, Кралството Шведска, Република Хрватска и на Република Словенија кои се дел од земјите од групата пријатели на Република Македонија во ЕУ било разговарано за последните случувања околу актуелната политичка криза во земјата и можностите за нејзино надминување.

Како што соопшти кабинетот на претседателот, Иванов уште еднаш истакнал дека очекува одговорно однесување од лидерите на сите политички партии, потписници на договорот порачувајќи дека преземените обврски мора доследно да бидат реализирани и во рамки на предвидените рокови.

Македонија е предолго време во политичка криза и сите политички партии мора да покажат максимална одговорност и доследно да ги исполнат сите обврски од договорот. Тоа е нивна обврска, и тоа е нешто кое го очекуваат граѓаните на Република Македонија, истакна на средбата претседателот Иванов.

Македонскиот претседател уште еднаш повикал на разумност и на конструктивен дијалог, како единствен успешен начин за изнаоѓање решение, усогласување на ставовите и надминување на предизвиците.

Претставниците на земјите од групата пријатели на Република Македонија, пак, ја изразија својата загриженост од неможноста политичките партии да постигнат согласност во однос на спроведувањето на политичкиот договор за излез од политичката криза.

Се согласија дека политичкиот дијалог и стабилизирањето на политичката клима во земјата е од суштинско значење за европската и евроатлантската иднина на Македонија. Во тој контекст заеднички апелираа до политичките партии да заземат сериозен и одговорен пристап во однос на имплементирање на договорот и да се фокусираат на евроатлантскиот пат на земјата, стои во соопштението.

Потенцирајќи дека Република Македонија има вложено огромен труд, ресурси и посветеност за имплементирање на европските реформи, претседателот Иванов порача дека евентуалното назадување на патот на евроинтеграциите ќе претставува огромен неуспех за сите субјекти во државата и, пред сè, ќе влијае фрустрирачки и демотивирачки за македонските граѓани, кои во огромно мнозинство ја поддржуваат европската перспектива на земјата, се наведува во соопштението.