Од денес до сабота патот од мотел Македонија до Градско ќе биде затворен за сообраќај.
Како што информираат од АМСМ, поради снимање на францускиот филм „A Fond” на делницата од мотел Македонија до Градско, од денеска до 6 ноември во периодот од 5 до 18 часот автопатот ќе биде затворен за сообраќај.
Сообраќајот како и досега ќе се одвива по стариот пат кој е обележан со соодветна сигнализација.
Сообраќајот на државните патишта се одвива по наместа влажни коловози. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен.
На граничните премини нема подолги задржувања за влез и за излез од државата. Оваа информација се однесува само за македонската страна на премините.
АМСМ препорачува внимателно возење, прилагодена брзина на движење и почитување на поставената сообраќајна сигнализација. Посебно внимание е потребно на делниците кои минуваат низ клисурите и засеците, особено на патните правци Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Демир Капија – Удово, Кочани – Делчево и Виница – Берово, каде е можна почеста појава на одрони.