
По денешниот протестен перформанс на Иницијатива на жените од Шуто Оризари кој се одржа пред Министерството за здравство, министерот Никола Тодоров ги покани претставничките на Иницијативата на средба во министерството. На средбата, министерот Тодоров се обврза веднаш да се изнајде решение со преземање на следните чекори:
Toj се обврза уште денес да се распише оглас за избор на матичен гинеколог, кој во целост ќе може да одговори на барањата и потребите на над 8.000 жени во репродуктивен период во општината Шуто Оризари, но и Ново Село. Како новитет е ветената финансиска стимулација на гинекологот во висина од 15.000 денари месечно, мерка која ќе трае две години.
До целосното завршување на процедурата за избор на матичен гинеколог, која се очекува да трае повеќе од два месеци, министерот се обврза да изнајде механизми за да се обезбеди целосност на услугите. Времената мерка ќе обезбеди гинеколози од ГАК кои ќе доаѓаат три пати во неделата, со целосно работно време и кои ќе бидат во можност освен советување и ехо-прегледи, да ги нудат и извршуваат сите останати услуги, како следење на бременост, издавање упати, микробиолошки наоди и слично.
Министерство за здравство, имаше спроведено привремена мерка гинеколог од Поликлиника Чаир да доаѓа во Шуто Оризари, но според досегашноот искуство, овие услуги не одговарале на потребите на населението, бидејќи во оваа ординација жените можеле да добијат вагинален и ЕХО преглед, но не можелода им се направат брисеви или ПАП тест, да им се препише рецепт за лекарства, да добијат упат за лабораториски прегледи или пак да добијат упат за болнички прегледи и породување.