Телеграф.мк: МВР во информациски мрак, портпаролите замолчени

Двајца адвокати од Штип го оштетиле МВР со лажни побарувања

Портпаролите не беа во можност да ни дадат никаква информација поради, како што рекоа, наредбите од министерот. Спасовски вчера и денеска испрати телеграми со кои им ги одзеде овластувањата на раководните лица во структурите на МВР, пишува порталот Телеграф.мк.

Порталот го пренесува одговорот што нивната редакција го добива од портпароли во Министерството за внатрешни работи кога се обиделе да добијат потврда за пријавен смртен случај, односно дека било пронајдено починато момче.

Не смеам да давам никаква информација телефонски. Односно не знам дали воопшто смеам да ви дадам информација. Веројатно ќе треба да се обратите писмено, не знам што да ви одговорам. Такви се наредбите.

Ова е изјавата што порталот ја добил од портпаролите и што ја цитира, притоа посочувајќи дека вообичаено, кога ќе се појави информација за случена сообраќајка, или за пријавена кражба, насилство, убиство или за криминал од каков било вид, секогаш новинарските правила за објективно известување од вакви случаи, наложуваат да се добие официјална потврда од портпарол на СВР во градот во кој се случил настанот.

Имено, информации од ваков тип медиумите вообичаено дознаваат преку телефонски повик до портпаролите во министерството, а чии телефонски броеви се јавно достапни.

Oвојпат портпаролите не беa во можност да ни дадат никаква информација поради, како што рекоа, наредбите од министерот, нагласуваат од Телеграф.

Според порталот, конфузијата и застојот во работењето на МВР настанале откако новоизбраниот министер Оливер Спасовски вчера преку телеграма издаде наредба со која им се одземени овластувањата на сите кои се во командната и раководната структура на министерството.

Својата одлука, во малку изменета форма ја потврди и денеска, откако испрати нова телеграма до сите структури во МВР. Со новата телеграма соопшти дека одлуката се однесува на дел од лицата кои се дел од полициската структура.

Телеграмата беше упатена до раководителите на сите организациски единици во седиштето на Министерството, Бирото за јавна безбедност, централните полициски служби, сите сектори за внатрешни работи, Управата за безбедност и контраразузнавање и сите сектори во Управата за безбедност и контраразузнавање на територијата на Република Македонија.

Откако ја донесе оваа одлука, МВР само еднаш се огласи во јавноста, и тоа со соопштение во кое ја оправдува својата одлука.

Пренесувањето на овластувањето не го нарушува вршењето на работите кои спаѓаат во доменот на надлежност на Министерството за внатрешни работи. Во оваа смисла, пренесените овластувања за прашањата за кои министерот согласно закон може да одлучи дали ќе пренесе на друг работник или ќе ги извршува лично, не се рефлектира врз редовната работа на работниците, за кои нема никакви формално-правни пречки за континуирано, благовремено и одговорно да постапуваат, во согласност со утврдените надлежности и одговорности во доменот на нивната надлежност, стоеше во соопштението од МВР.

Сепак, одлуката на Спасовски одеднаш да направи рез во раководните структури на МВР низ целата земја беше протолкувано и како отворање пат за можна партизација на најзначајното министерство во државата.