Арнаудовска: Правилникот за одмерување на казните не ја нарушува независноста на судијата

 Ratio-то на измените на Кривичниот законик е воведување на  законски основ за Правилникот за одмерување на санкциите, а со цел за воедначување на казнената политика. Тоа е причината за донесување на  вакви Упатства за казнување во сите земји, кои имаат адверзијален систем на кривична постапка како САД, Канада, Австралија, Нов Зеланд…, вели во интервјуто за МИА директорката на Академијата за судии и јавни обвинители, Анета Арнаудовска.

Со оглед дека со новиот ЗКП воведовме ваков систем и ние, потребно е, истакнува таа, за да заживее институтот на спогодување да се воедначи казнената политика, која досега беше шаренолика и  ниска.

„Останатите  причини се, намалување на големиот диспаритет на  изречените санкции, помеѓу одделните апелациски подрачја, и дури и внатре во самите судови, редуцирање на судската дискреција, како и спречување на корупцијата, а во контекст на 4-от круг на оценка на ГРЕКО, кој на повеќе држави им наметна обврска да ја хармонизираат судската пракса, а за обвинителството, да воведат водичи и процедури за одмерување на казните“, истакнува Арнаудовска.

Во нашиот случај новата одредба, како што вели Арнаудовска, не го нарушува начелото на независност на судијата и слободното судиско убедување, од причина што и граѓаните не треба да трпат од разните казнени политики на одредени подрачја, а во конкретниот  случај, правилникот ќе биде усвоен од претседателот на Врховниот суд на Република Македонија, значи, самата судска власт ги донесува овие правила.

„Ова е добар инструмент за заживување на проктивната улога на обвинителите во духот на новиот ЗКП, бидејќи истите ќе имаат обврска на судот да му ги пласираат сите факти и докази, врз основа на кои, судот ќе изврши градација на  олеснителните и отежнителните околности“, додава таа.

Според неа, погрешно се толкува одлуката на Врховниот суд на САД,  Букер против САД од 2005-та година, со истата,  Упатствата за казнување  не се укинуваат, туку немаат повеќе задолжителен карактер, но и таа одлука е доста контраверзна,  со оглед на начинот на кој се гласало (5 наспрема 4 гласа).

„Покрај тоа, во САД, судиите, и покрај оваа одлука, се должни при одмерување на казната, да ги вкалкулираат, правилата од овие Упатства, инаку пресудата ќе биде преиначена. Без оглед  што во некои кругови, многу се цитира оваа пресуда, истата  е многу комплесна и всушност причината за нејзино донесување е сосема друга, а тесно поврзана со системот на порота во американскиот кривичен систем и докажувањето ’над разумното сомневање’“, вели во интервјуто за МИА директорката на Академијата за судии и јавни обвинители.