Министерството за внатрепни работи во текот на изминатите 24 часа издало 2.724 потврди за остварување на правото на азил на мигранти, а вкупниот број од почетокот на ваквата регистрација во јуни годинава достигна 284.299.
Најбројни мигрантите од Сирија
Министерството за внатрешни работи денеска соопшти дека од новоиздадените потврди 1.251 се на лица машки пол, 553 од женски, 704 деца кои го придружуваат носителот на потврдата, а 216 деца кои патуваат без родител. Најбројни се државјаните од Сирија,1.503, Авганистан, 777, Ирак, 442.
Во изминатите 24 часа до Секторот за азил не се поднесени барања за признавање право на азил врз основа на претходно издадена потврда. Досега вкупно се поднесени 80 барања за признавање право на азил врз основа на претходно издадена потврда, 53 од државјани на Сирија, од кои 17 за деца, 13 од Авганистан со кои се и 14 деца кои го придружуваат родителот, три барања од Пакистан, по две барања од државјани од Мароко, Либан, Палестина, Алжир и Ирак (четири од барањата се за деца) и едно барање од државјанин на Египет.
Во ЈУ Прифатен центар за баратели на азил во дневниот регистар на баратели на азил, пак, вчера се евидентирани 20 баратели на азил од кои девет мажи, две жени, осум малолетни лица со придружба на старател и еден барател на азил е малолетник без придружба на старател. Дополнително, согласно член 48 од Законот за азил и привремена заштита, десет баратели на азил (две малолетни лица со придружба на старател, шест малолетни лица без придружба на старател и двајца мажи) се згрижени на друго место за сместување определено од Министерството за труд и социјална политика.
Мобилните тимови на Црвениот крст во изминатото деноноќие на ГП „Табановце“ укажале прва помош на 118 лица и транспорт до болница на едно лице. Во Гевгелија прва помош добиле 525 лица. Поделена е и вода, чоколадно млеко, пакети со хигиена, бисквити, кебиња, чорапи, кабаници.