
Општина Кисела Вода изминатиов викенд го започна новогодишното украсување на нејзината територија. Годинава, украсувањето и декорирањето на повеќе локации низ општината го врши фирмата “Линк Медија Плус” од Скопје, кое треба да заврши најдоцна до 15-ти овој месец, информираат од општината.
Веќе започна украсувањето на влезот на општината, односно булеварот Борис Трајковски, од стара рампа до крстосницата со улицата Народни Херои, паркот спроти општинските бараки каде е поставена и 10-метарска новогодишна елка, а украсени се и влезовите на населбите Драчево и Пинтија.
Деновиве треба да заврши и украсувањето на скверот околу црквата “Св. Петка”, почетокот на улицата Огњан Прица, се до спојот со улицата Димо Хаџи Димов, како и скверот околу Шампионче, а ќе се украсат и парковите Шопен, Пушкин, Македонија и паркот на бранителите во населбата Драчево.
Општината за оваа намена, односно за новогодишно украсување на нејзината територија обезбеди над два милиони денари.