
Високиот комесаријат на ОН за бегалци (УНХЦР) денеска соопшти дека во текот на минатиот месец во Европа по морски пат пристигнале околу 140 илјади бегалци и имигранти, што е значително помалку во споредба со минатиот месец.
– Податоците за ноември се први оваа година кои покажуваат дека бројот на бегалци и имигранти е намален во однос на состојбата забележана во претходните месеци, изјави Вилијам Спиндлер од УНХЦР.
Според него, причина за намалениот број лица кои доаѓаат во Европа е резултат на влошените климатски услови во Егејското Море, но и на мерките кои турските власти ги презедоа против илегалниот транпорт на имигранти.
Повеќе од 880.000 имигранти оваа година пристигнале до европските брегови, што е за околу четири пати повеќе во споредба со 2014 година, додаде претставникот на агенцијата на ОН за бегалци.