Започнува судскиот процес против обвинетите од „Диво насеље“.Во кривичниот суд Скопје 1 ќе се одржи јавна седница за оценка на обвинителниот акт против припадниците на кумановската група, а 29-мината обвинети за тероризам и за учеството во инцидентот во кумановско Диво Насеље денес за првпат треба да се појават во суд.
Како што јавува телевизијата „Телма“, повикувајќи се на изјави на адвокатите, сите обвинети добиле покана за присуство.
По денешната седница судскиот совет треба да одлучи дали ќе го прифати обвинителниот акт или ќе бара да се преработи.
Обвинителството смета дека 29-мината уапсени, двајца кои избегаа и уште десетмина кои загинаа во Диво Насеље од почетокот на годината почнале со организација на терористички активности кои кулминираа со крвавата пресметка на 9-ти и 10-ти мај.
Целта им била да предизвикаат чувство на несигурност и страв меѓу граѓаните, стои во обвинението.
Дел од групата претходно учествувала и во нападот врз граничната полициска станица Гошинце од каде беше однесено оружјето, а 4-цата полицајци во објектот биле нападнати и малтретирани.