Валентина Божиновска , директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи повод големиот христијански празник, Свети Климент Охридски, упати честитка до архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан и членовите на Светскиот архиерејски синод на Македонската православна црква – Охридска архиепископија.
Патронот на нашата Македонската православна црква – Охридска архиепископија, Свети Климент Охридски, е несомнено еден од најсветлите личности на нашата вера, најдаровитиот творец и беседник, најпожртвуваниот пастир и неуморен проповедник. Неговиот пример, создавањето на кирилицата, како и целокупната негова црковна, педагошка, книжевна и преведувачка дејност, претставуваат светол пример за тоа како се сака и како се чува идентитетот на еден народ. Повеќе од 11 века Светиклиментовото слово зрачи и чудотвори, описменува и облагородува, се вели во честитката.
Неговите поучни и пофални слова, денес се непресушен извор од кој духовно се храниме сите ние и многу народи ширум светот,
Словото кое тој го посеа и му вдахна живот, ги лекуваше раните, беше утеха на осамените и љубов за духовно сиромашните. Силата на ова слово втемелена во неговиот лик и дело претставува најцврстиот бедем на спасоносното дело на македонските светители, духовна азбука на разбирањето, која и денес продолжува да биде светла патека по која чекорат многу нови генерации. Во овие празнични мигови да ја упатиме големата македонска мисија кон доброто за сите народи, зацврствување на вербата во Бога со големата потврда дека Македонија е и продолжува да биде голем светилник во големото европско семејство со неизмерната сила и моќ што ни ја дарува овој голем светец. Уште еднаш упатувам честитки до Вас и до сиот македонски народ со желба да останеме нераскинливи во големото христијанско сродство – Светиклиментово, стои во честитката.