Кери во Москва на средба со Лавров и со Путин

Американскиот државен секретар Џон Кери и неговиот руски колега Сергеј Лавров се сретнаа денес во Москва за да разговараат за мировниот процес во Сирија, а се планира нешто подоцна Кери да се состане и со претседателот Владимир Путин, пренесува „Танјуг“.

Мислам дека светот има корист кога двете моќни нации со долга историја на меѓусобни односи можат да најдат заедничка позиција, изјави Кери, а пренесе агенцијата АФП.

Се надевам дека денес ќе успееме да најдеме заедничка позиција, истакна шефот на американската дипломатија, додека Лавров изјави дека е подготвен да разговара за било кое билатерално прашање за кое Кери смета дека е важно.

Подоцна во текот на денешниот ден ќе му пренесеме на претседателот Путин за што разговаравме и се надевам дека ова ќе биде плодна посета, му порача Лавров на Кери.

Кери и пратеникот на ОН за Сирија Стефан де Мистура сакаат следната рунда од мировните преговори за Сирија да се одржи во петок во Њујорк, но официјална Москва досега одбиваше да го потврди тој датум.