

Со ова, вкупниот раст на БДП во деветте месеци од годинава изнесува 3,43%, што е на линија со проекцијата на Владата со ребалансот на Буџетот.
Каква е крвната слика на домашната економија?
Во третиот квартал од годинава најголем раст е регистриран кај градежништвото, речиси 30%, со што оваа гранка продолжува да биде главниот двигател на македонската економија.
-Градежништвото како стопанска дејност во последните години е двигател на економскиот развој на Македонија. Реализацијата на капитални проекти дава сигурност дека и во наредните три до четири години ќе имаме перманентен развој на градежништвото и на економијата. Капиталните проекти во изградба на новите три автопатишта, на брзи и регионални патишта се основа за развој на секоја економија, вели првиот човек на градежната комора при ССК, Роберт Хот.
Во делот на стручни, научни и технички дејности, како и административни и помошни услужни дејности е остварена позитива од 15.9%; а растот кај финансиите и осигурувањето изнесува 11.7%. Позитива од 7% има кај трговијата на големо и на мало, поправка на моторни возила и мотоцикли, транспорт и складирање, објекти за сместување и сервисни дејности со храна. Растот на финалната потрошувачка на домаќинствата изнесува 4,3%, на јавната потрошувачка 15,4%, на бруто – инвестициите 2,8%, извозот има плус од 3,1%, увозот од 1,6%.
Растот на економијата ја намалува невработеноста
Растот на македонската економија значи дека невработеноста ќе продолжи да се намалува. Последните податоци на ДЗС покажаа дека стапката во третиот квартал од годинава се спуштила на историски најниско ниво, на 25,5%, а само во последните три месеци се отвориле речиси 12 илјади работни места.
-Невработеноста е во негативна корелација со БДП, односно економскиот раст кој го остварува македонската економија значи и намалување на невработеноста, објаснува Љупчо Давчев од Економскиот факултет при УГД -Штип.
Економските политики даваат резултат
Добро поставените економски политики резултираат со позитивни движења во повеќе сектори. Индустриското производство три месеци по ред регистрира високи стапки на раст (12,7% во август, 8,6% во септември и 13,1% во октомври). Се зголемува извозот од земјава, трговската размена станува поизбалансирана, покриеноста на увозот со извоз достигна 71%, се намалува невработеноста.
-Од една страна, имаме значителни инвестиции во инфраструктурата кои повлекуваат значителен капитал и значителен обем на работна сила. Од друга страна, имаме активни политики за вработување кои се двострани – и на страна на работодавачите и на страна на работниците. Се работи за синергија на повеќе мерки, како инвестиции (домашни и странски) и активни мерки со кои се влијае на намалување на невработеноста. Инвестициите, пак, имаат мултипликативен ефект, го динамизираат растот и развојот, оценува универзитетскиот професор, Јован Пејковски.
Македонија со еден од најдобрите резултати
Последните показатели се темел на проекциите за македонската економија. Нашата земја ќе испорача еден од најдобрите резултати во регионот и пошироко.
Брисел очекува Македонија да биде една од трите водечки држави во Европа кога е во прашање економскиот раст в година. Според прогнозата, растот на македонскиот БДП во 2016-та ќе изнесува 3,5 проценти, а годинава 3,2%. Со прогноза за раст од 3,2% годинава се и Народната банка, ММФ, Светска банка.
-3,2 процента е доста солиден раст. Растот главно е движен од градежништвото, трговијата и другите услуги, како финансиски и бизнис услуги, вели економистот во канцеларијата на Светска банка во Скопје, Бојан Шимбов.
-Тоа е процент што не води некаде меѓу првите три земји, според планираната стапка на раст во следните две години , после оние на Ирска и на Романија, што секако ќе се должи на одредени активности кои досега беа преземени или очекуваме да се преземат ,а кои првенствено се насочени кон натамошното засилување на инвестициите во јавната инфраструктура, засилената домашна потрошувачка, што е позитивно изненадување, како и извозот кој што ни доаѓа од странските инвестиции, односно слободните зони, објаснува универзитетскиот професор, Томе Неновски.
Засега се чини најблиску до прогнозата е Владата, која со ребалансот на Буџетот го ревидираше растот на економијата на 3,5 проценти.