Французин осуден на две години затвор за величење на тероризмот

Дваеети двегодишно момче од францускиот град Тулуз е осуден на казна затвор од две години, бидејќи се јавил во жандармеријата и противпожарната служба и нападите во Париз од 13 ноември ги нарекол „прекрасни“, соопшти денеска неговиот адвокат.

Како што јави дописникот на МИА од Париз, само неколку часа по нападите на 13 ноември, во кои животите ги изгубија 130 лица, а неколку стотина други беа ранети, Сабер Алуи им телефонирал на жандармеријата и на пожарникарите во неговиот регион, а потоа и на париската полиција, при што низ смеа рекол дека е среќен.

– Среќен сум. Тоа е прекрасно. Французи умираат, рекол Алуи.

Неговиот адвокат, кој ја обжали пресудата на Судот од Тулуз, оцени дека казната за неговиот клиент не е прилагодена.

– Иако тоа што тој го направил е казниво и дошло во лош момент, тој жали за тоа што го стори, изјави адвокатот.