Американскиот претседател Барак Обама во синоќешниот телефонски разговор со турскиот колега Реџеп Тајип Ердоган апелираше Анкара да продолжи со повлекување на своите трупи од Ирак, со цел да се намалат несогласувањата со Багдад.
Тој нагласил дека е неопходно Турција да го почитува територијалниот интегритет и суверенитет на Ирак, објави МИА.
Во меѓувреме, ирачкиот министер за надворешни работи Ибрахим ал Џафари го повика Советот за безбедност на ОН да усвои резолуција со која се осудува навлегувањето на турски војници во неговата земја и побара нивно итно повлекување.
– Согласно Уставот на светската организација Ирак има право да ги преземе сите потребни мерки за спречување на непријателските дејствија од страна на Турција, кои претставуваат опасност за меѓународниот мир и безбедност – предупреди Џафари.
Според него, меѓу двете земји нема официјален договор со кој би и се дозволило на Турција да испрати војска во Ирак без претходна дозвола.
Турскиот постојан претставник во ОН, Халит Чевик го обвини Ирак дека ја поткопува борбата против џихадистичката група Исламска држава (ИД), со поднесените жалби до СБ на ОН за распоредување на турски војници на своја територија.
– Испраќањето турски војници во северниот дел на Ирак е извадено од контекст. Турција презеде доволно мерки за смирување на ситуацијата и бара поголеми напори во борбата против ИД во Ирак и Сирија – нагласи Чевик.
Официјална Москва, исто така, присуството на турската војска во Ирак го оцени како „незаконско и неприфатливо“.
Турција на 4 декември распореди тенкови во северниот дел на Ирак, објаснувајќи дека станува збор за зајакнување на обуката на сунитските и курдските војници кои се борат против ИД. Багдад, пак, влегувањето на турските трупи на територија на Ирак го протолкува како кршење на суверенитетот и од Анкара побара веднаш да ги повлече.