Соработката меѓу домашните и странските компании, значи бенефит и за двете страни

фото: МИА

Поблиски контакти меѓу домашните и стрaнските компании, вмрежување и подобрување на меѓусебната соработка беше целта на денешната средба на странските инвеститори со македонските компании. Пред присутните се обратија премиерот Никола Груевски и министрите за финансии, економија и странски иневстиции кои изјави дека оваа соработка е незадоволителна и постои простор за унапредување, а бенефит ќе имаат двете страни.Преку соработката со странските, домашните компании ќе го подигнат нивото на технолошко, менаџерско знаење, подобра организација на работата, но и поголема конкурентност на светскиот пазар.

„Бенефитот на странските компании доколку користат услуги, репроматеријали од нашите компании е што ќе има директно намалување на транспортните трошоци. Производите и репроматеријалите кои се увезуваат од странските компании може да се набават со ист квалитет и пониски цени од домашните компании.Соработката со домашните компании значи заштеда на време. Бенефитот е и во можноста за размена на технологија, знаење, вештини меѓу компаниите,“изјави премиерот Груевски, според кого бенефитот за домашните компании од  друга страна ќе биде надградување на познавањата и стандардите во производството со што ќе станат поконкурентни и ќе можат да го зголемат извозот.

„За македонските компании соработката со странските компании ќе значи добра работа, реинвестиции, освојување на нови пазари, извоз, подобра понуда, задржување на трендот на добро и профитабилно работење,“ потенцираше Груевски кој и во оваа прилика истакна дека Владата е партнер на компаниите и во таа насока потсети на низата мерки преземени во однос на олеснување на работењето на компаниите, намалување на даноците, укинување на бизнис пречките и бројни административни процедури, системот за електронско регистрирање на фирми, олеснување на работењето на компаниите.

Министерот за финансии Зоран Ставрески изјави дека оваа средба е прв чекор во намерата да се разгледа можноста како македонските фирми да се интегрираат во ланецот на глобални фирми кои работат во Македонија. Тој изјави дека покрај макроекономските ефекти од присуството на странските компании, треба да се почувствуваат и микроекономските ефекти.

„Целта е остварувањето на макроекономските ефекти кои се однесуваат на зголемено производство, зголемување на БДП, извоз и вработеност да се преточат во микроекономски ефекти, односно да се зголеми додадената вредност од присуството на странските компании во Македонија. Резултатите од работењето на странските компании се видливи односно имаме пораст на БДП над три отсто, зголемен извоз, намалување на трговскиот дефицит, вработувања кои до сега изнесуваат 6500, а до крајот на годината и почетокот на следната се очекува бројката да се зголеми за двојно и да изнесува 13 илјади вработувања во странските компании,“ изјави Ставрески кој потенцираше дека домашните и странските компании треба да бидат компатибилни, а не да си конкурираат. Преку соработката со странските компании, домашните компании ќе ги подобрат стандардите во работењето, капацитетот и знаењето на работната сила со што ќе станат поконкурентни.

Минатата година домашните компании испорачале стоки и услуги на странските компании во земјата во вредност од 50 милиони евра. Две македонски компании веќе произведуваат за фабриката за производство на автобуси Ван хол.Ставрески очекува таа бројка да се зголеми.

Тој ги повика и банките да ги следат македонските компании во однос на давање на кредити, бидејќи соработката со странска компанија е сигурност дека парите ќе бидат вратени.

Вицепремиерот задолжен за економски прашања Владимир Пешевски истакна дека и покрај тоа што во медиумите се создава слика дека најповеќе мерките кои ги презема владата се насочени кон странските компании, сепак најголем дел од направените реформи се насочени кон домашните компании. Според него освен што странските компании носат капитал и отвораат работни места во земјата, споредните ефекти кои треба да бидат примарни се соработка со домашни компании.

„Домашните компании треба да се стремат да бидат на исто технолошко ниво со странските компании. Менаџерското знаење исто така треба да биде на исто ниво како и на странците. Се акумулираа доволен број на странски компании за да може да се оствари соработка и да се пренесе знаење. Ако домашната компанија ги исполни стандардите за да може да соработува со странска компанија, тогаш таа ќе може и да извезува и да стане дел од глобалниот пазар,“ изјави Пешевски.

Министерот за економија Ваљон Сараќини истакна дека Владата воспоставува нова култура во комуникација со компаниите и целта е привлекување на свеж капитал.

Пред присутните се обратија и министерот задолжен за странски инвестиции Веле Самак како и директорот на ТИРЗ Виктор Мизо кои претставија кратки портфолија на странските компании во Македонија.