Без никаква постапка и образложение, спротивно на законите, Спасовски демонстрираше политичко насилство врз професионалците во МВР и незаконски разреши петмина началници, изјави денеска заменик министерот за внатрешни работи Митко Чавков.
-Врз основа на член 48 став 3 од Законот за Влада, поднесов тужба до Управниот суд на Р. Македонија со предлог за времена мерка. Оливер Спасовски флагрантно ги прекрши законите за внатрешни работи и полиција, согласно кои се постапува во вакви случаи.Исто така во крајно незаконска и нетранспарентна постапка Оливер Спасовски именуваше нови началници, објави Чавков.
По направените анализи утврдено е дека неговите решенија се незаконски од повеќе причини. Брзајќи да ги разреши началниците воопшто не навел на кои места ги прераспоредува, а решенијата воопшто не содржат причини поради кои се врши разрешувањето.
-Затоа бараме од судот да донесе Решение за времена мерка со која се запираат прераспоредувњата на лицата, како и пресуда со која се поништуваат решенијата на техничкиот министер Оливер Спасовски за распоредување. Незаконските распоредувања и разрешувања предизвикуваат опасност за уредно, целосно и безбедно извршување на законските надлежности на Министерството поради тоа што се разрешени началници и на нивни места поставени други лица вон Класификацијата регулирана со Закон, рече Чавков.
Таквото постапување, додава тој, е сторено во услови на зголемени безбедносни ризици поради мигранти од други држави, зголемена фреквенција на настани и луѓе поради празници, перманентна безбедносна закана од терористички напади и друго.
-Незаконски разрешените началници, веќе поднесоа приговори за срамните решенија на технички назначениот министер до второстепената комисија по што ќе следат тужби и од нивна страна. Со својата вчерашна одлука, Оливер Спасовски ја демонстрираше деструктивноста на неговата партија изготвувајќи решенија за смена на петмина професионалци кои целата своја кариера ја градеа во министерството, додава Чавков.
Крајно нетранспарентно и спротивно на Законот за внатрешни работи, Оливер Спасовски унапреди 11 лица.
-Спротивно на системот за кариера во МВР тие се унапредуваат и по 6 нивоа нагоре во кариерата. Законот предвидува да вршеле иста или слична служба доколку има макар и хоризонтално поместување. Во конкретниот случај и тоа е погазено. Без интерен оглас, партиски послушници беа наградени од Оливер Спасовски, вели Чавков.
Меѓу наградените е и сопругот на актуелната министерка Фросина Ременски, Јовче Ременски кој како награда доби унапредување за четири нивоа.
-Скандалот да биде поголем, Оливер Спасовски унапреди и лице кое очекува правосилна пресуда, а со првостепената е осудено на казна затвор од три години за предметот „Шпиун“. Јас ги охрабрувам сите професионалци во МВР да одолеат на заканите на Спасовски и да не подлегнуваат на заканите и притисоците на генералниот секретар на СДСМ, заклучува Чавков.