Тој за МИА истакна дека во Париз ќе работи на новиот ракопис кој, како што рече, го привршува со бавност на археолог кој составува испокршена ќерамичка ламба.
– Сигурен сум дека зимата ќе го отвори Париз пред мене како енциклопедија на вратената живост, по трагедијата која го промени светот во нас. По Париз, следува годишниот престој во Берлин, патувања во Лос Анџелес и други градови во САД и Германија, патувања во Јамајка, Романија, Малезија, Велика Британија…Меѓу просторите, за жал, речиси никогаш не се спомнуваат, а тие се суштинските места на творење. На истиот начин, трошната врата од ателјето на уметникот историски е многу погласна, отколку кодираните врати на галериите, додаде Маџиров.
Поезијата на Маџиров е објавена во неколку француски списанија за литература. Тој во Франција ја доби меѓународната награда „Левир Литерер”, а „Европската асоцијација на книжевници“ со седиште во Париз, го избра за член на европското книжевно жири за 2015 година.