Во пресрет на предвремените парламентарни избори во април, грчките медиуми се повеќе најавуваат убедлива победа на ВМРО-ДПМНЕ на Никола Груевски, но и се погласно се негодува поради тоа, јавува дописникот на Нетпрес од Атина.
Владеачката партија и натаму за Грците останува понепопуларната политичка опција, пред се поради непопусливиот став за името и идентитетот, па премиерот Груевски и натаму се претставува како националист што спроведувал антиквизација. Опозициската СДСМ на Зоран Заев пак, во Грција се портретира како пофлексибилен и попосакуван соговорник за името, но во последно време и како некредибилна опција за гласачите.
Земјата се наоѓа под меѓународен притисок врз гласачите за Груевски да си замине, но изгледа дека ФИРОМ ќе се доведе до поголем ќор-сокак, бидејќи се укажува на тоа дека славомакедонскиот лидер повторно ќе извојува победа, а според познавачите на состојбите во Скопје, тоа ќе се случи со релативна удобност и поддршка на народниот фронт, со што ќе продолжи со авторитарното владеење за кое што е обвинет. Со други зборови, оние кои што сакаа да му ископаат јама на Груевски, сега ризикуваат да паднат во истата, стои во анализата на весникот Катимерини, насловена како „Контроверзниот, но моќен Груевски”.
Катимерини пишува дека притисокот на Американците и Европејците за Груевски да си замине бил поради стагнирањето на наводните реформи што требало да го отворат патот кон НАТО. Сепак, ако се земе предвид дека единствената пречка за членството на Македонија во НАТО е обивањето за промена на уставното име, тогаш јасно е поради какви “реформи” Американците и Европејците прават притисок за заминување на Груевски.
Националистичкиот премиер победува четири пати од 2006 та до 2014 и тоа со леснотија. Но, како што продолжуваше со авторитаризмот, одвнатре опасно ги поларизираше работите и ги иритираше Европејците и Американците кои што забележаа дека стагнираат напорите за реформите кои што треба да го откочат приклучувањето на ФИРОМ во НАТО, се вели во текстот на Катимерини, додавјќи дека седум месеци по договорот за одржување избори, опозицијата покажува жалење што избрзала.
Весникот пишува дека Груевски ќе победи и по изборите повторно ќе се врати како премиер, но овој пат дури и посилен, а тоа се должело на фактот што тој наводно спроведувал т.н. антиквизација на земјата, но и поради „некредибилната опозција кој што не нуди соодветна алтернатива“.
Во меѓувреме, грчките медиуми јавуваат и за средбата на премиерот Груевски со американскиот заменик претседател Џозеф Бајден, нагласувајќи дека Американците ќе интервенирале за постигнување на решение за името и за нормализација на полтичката состојба во Македонија.
Сега се создава една клима на лобирање и до јули, кога ќе биде оддржан Самитот во Варшава, треба или да се реши прашањето со името или да се бара одлука од НАТО за прием под времената рефренца пј Р Македонија, што е особено негативен развој за Грција, се вели во анализата на онлајн изданието на грчки Либерал посветена на средбата Груевски-Бајден.
Весниот То Вима пак, неодамна, во анализа за посетата на Али Ахмети на Атина, информираше дека во рамките на американската интервенција за името, ангажирани се и новинари и други лица за создавање на “умерена клима” за постигнување на решение.
Нејасно е поради кои причини премиерот Груевски би го менувал ставот за името, кога е јасно дека ја има поддршката на граѓаните за победа на следните избори, се велеше во текстот на То вима.