
Независната пратеничка Солза Грчева по вчерашното обраќање во Собранието кон пратеничката од СДСМ Софија Куновска, денес таа повторно имаше жестоко обраќање и кон друг пратеник од СДСМ Благоја Стојановски.
Имено, Стојановски на денешната седница очигледно нервозно реагираше и ја обвини поранешната пратеничка од СДСМ а сега независен пратеник, за како што рече тој, напуштање на јатото на опозицијата. На ова обвинување, таа со остри зборови му возврати.
Жалам што долгогодишен пратенику Благоја, немате интелектуален капацитет воопшто да ги разберете моите говори. Не сме иста лига, дефинитивно. Ако сум го напуштила јатото на опозицијата, вие сте уште еден доказ дека сум морала да го напуштам со луѓе како вас кои ја упропастија опозицијата, на најниски гранки ја доведовте. Ја жалам таа опозиција што го има Благоја Стојановски за пратеник, поради сите криминали што Ве пратеа во минатотo, продолжи и денес со остри зборови кон СДСМ, независната пратеничка Солза Грчева.
Напротив, според Грчева, токму пратениците од СДСМ се тие што треба да се извинат на сите, бидејќи во септември 2015 година, како пишман аџии, се вратија во Собранието на Република Македонија.
Па видете си ги снимките. Вие кога влеговте на 1ви септември, требаше да ми се извините. Да се извините затоа што се вративте подоцна, со задршка, како пишман аџии дојдовте овде и после година и кусур ги признавте изборите кои што јас ги признав веднаш. Вие сте пишман аџии, заврши поранешната пратеничка од СДСМ, а сега независен пратеник Солза Грчева.