Уапсени тројца руски државјани во врска со нападот во Истанбул

Уапсени тројца руски државјани во врска со нападот во Истанбул
Уапсени тројца руски државјани во врска со нападот во Истанбул

Турската полиција уапсила тројца руски државјани поради сомнеж дека се вмешани во терористичкиот напад што се случи во вторник во Истанбул, кога беа убиени 10 луѓе, а 15 беа повредени.

Како што пренесе турската агенција Доган, Русите се уапсени во медитеранскиот град Анталија, а при тоа се запленети одредени документи.

Рускиот конзулат во Анталија потврди дека тројца руски државјани се задржани во притвор поради сомнеж дека имаат врски со Исламската држава.

Во терористичкиот напад во вторник на плоштадот Султанахмет, кога се разнесе бомбаш самоубиец беа убиени 10 луѓе, а 15 беа ранети, по што турската полиција потоа уапси 15 луѓе осомничени за учество во организација на нападот.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека сириски бомбаш самоубиец е одговорен за експлозијата во историскиот дел на Истанбул.

Потпретседателот на турската влада Нуман Куртулмус, изјави дека врз основа на анализа на различни делови од телото идентификуван е осомничениот бомбаш-самоубиец, кој ја предизвика експлозијата, и дека се работи за 28 годишен маж.