АМСМ: Снег во западните делови, да не се патува без особена потреба

АМСМ препорачува дека поради обилни снежни врнежи без особена потреба да не се патува во западниот дел од државата.

Оттаму потенцираат дека е задолжително носење на зимска опрема, исклучително внимателно возење, прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и планирање на патувањето според временските услови.

Според информации добиени од УХМР денес се очекува да има заладување и поинтензивни врнежи, кои во текот на денот почнувајќи од север ќе преминуваат во снег. До недела наутро насекаде ќе се формира снежна покривка, освен во крајниот југоисточен дел. На планините во западните делови се очекува повеќе од 50 см нов снег, а на повеќето пониски места снежната покривка ќе изнесува од 10 до 20 см.

Магла кај Страцин, Тетово и на Стража

Сообраќајот на државните патишта се одвива без забрани, по влажни коловози. Магла со видливост од 50-100 метри има кај Страцин, Тетово и на планинскиот премин Стража.

Посебно внимание е потребно на делниците кои минуваат низ клисурите и засеците, особено на патните правци Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Гостивар – крак Маврово – Стража, Демир Капија – Удово и Виница – Берово, каде е можна почеста појава на одрони.

Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини нема подолги задржувања за влез и за излез од државата. Оваа информација се однесува само за македонската страна на премините.