
Во Штип Светиот крст се фрли на две различни локации во водите на Брегалница. Во Ново село, на мостот на реката Брегалница, кој ги поврзува старите маала Ново село и Кежовица Светиот крст го фати 25-годишниот Раде Атанасов од Ново село.
Повеќе пати се имам обидено да го фатам Светиот крст и оваа година имав среќа и го фатив. Им посакувам на сите верници здравје и среќа, рече Атанасов.
На Камениот мост кај детската градинка „Астибо“ втора година по ред се фрла крстот во водите на реката и по втор пат го фати 31-годишниот кувар Горан Јовевски од Штип.
Се надевам дека и оваа година ќе биде бериќетна за мене. За многу години празниците и на сите им посакувам се најдобро, рече Јовевски.
Митрополитот на Брегалничката епархија г. Иларион кој чиноначалствуваше со светата литутргија во црквата „Свети Никола“ и ги освети водите на реката Брегалница кај Камениот мост истакна дека и покрај минусните температури сепак верниците ја продолжуваат традицијата.
Еве и годинава Бог е со својата милос, иако ни се најавува ниски температури, ни даде убав сончев ден за да можеме да го спроведе крштевањето Христово, рече г.Иларион.
Годинава Општина Штип и Брегалничката епархија обезбедија подароци за момчињата кои го фатија Светиот крст.
Брегалница е нашата река Јордан. На нашиот младинец кој го фати крстот му посакувам многу здравје, радост и среќа, истакна градоначалникот на Штип, Илчо Захариев.