
Најстариот христијански манастир Свети Илија во Ирак е срушен од страна на припадниците на екстремистичката организација Исламска Држава – ИД. Ова е уште една жртва на џихадистите на ИД кои го уништвуваат светското културно наследство, пренесува „Танјуг“, повикувајќи се на светските агенции.
Речиси 1.400 години, овој манастир што е подигнат во 6-иот век недалеку од Мосул им одолеваше на природните непогодности и претставуваше свето место во кое монасите и луѓето се молеа со векови.
Пред да биде срушен, манастирот се протегаше на површина од 27.000 метри квадратни и иако во голема мера му недостигаше покрив, тој имаше 26 простории, вклучивајќи и светилиште и капела.

Врз основа на фотографиите на сателитската компанија Дигитал Глоб, камените ѕидови сега буквално се во прав и се смета дека до уништувањето дошло во периодот помеѓу август и септември 2014-та година.