
Сто илјади ученици треба да бидат вклучени во училишните спортски активности со новата реформа на училишниот спорт што денеска ја најави министерството за образование и наука.
Министерството за оваа цел подготви Акциски план, интернет страница и распоред и резултати, а за да се зголеми популарната на училишните спротив тие ќе бидат и медиумски покриени од Македонската радио телевизија.
„Предвидено е воведување нови програмски содржини за организирано спортување, односно масовен спорт, преку кој е можно вклучување на голем број ученици, како натпревари од атлетските крос дисциплини, планинарски и велосипедски тури и слично. Освен новите содржини, ќе продолжи да се реализира редовниот систем на училишни натпревари од март до јуни, во домаќинство на повеќе општини“, рече министерот за образование и наука Ристовски.
Акцискиот план предвидува во секое училиште да се формира училишен спортски клуб, што ќе ги реализира активностите и спортските натпревари. Во општините со повеќе од пет училишта ќе се формираат општински сојузи за училишен спорт, задолжен за спроведувањето на натпреварите и спортските манифестации, согласно со калнедарот на натпревари и пропозициите на Федерацијата за училишен спорт.
Директорот на Агенцијата за млади и спорт Марјан Спасески информираше дека од новите програмски содржини најпрво ќе се почне со училишен атлетски крос во март, од кој националниот напревар за сите основни и средни училишта ќе биде на 17-ти и 18 мај 2014. Во периодот март-јуни во Скопје ќе се реализира и обука за непливачи „Научи да пливаш“, а од 21-ви до 27 март и од 13-ти до 19 октомври годинава ќе се организира „Недела на движењето“ за деца од рана и претшколска возраст.
Според податоците на Федерацијата на училишен спорт, во последните неколку години околу 35.000 основци и средношколци или меѓу 8 и 10 проценти учествуваат во училишни спортски активности. Целта на овој проект е вклученоста да достигне до 50 отсто за што, како што посочија на прес-конференција, ќе придонесе и подобрувањето и инвестирањето во спортската инфраструктура и новите спортски сали низ Македонија.