Средба на Адеми со претставници на норвешкото МНР

Средба на Адеми со претставници на норвешкото МНР
Средба на Адеми со претставници на норвешкото МНР

Министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми, кој е во дводневна посета на Норвешка, денеска имал средба со Хакон Бланкеборг, директор на секторот за Југоисточна Европа во Министерството за надворешни работи и со други претставници во норвешкото МНР.

Како што соопшти Министерството за образование и наука, во фокусот на средбата била соработката помеѓу МОН и Нансен дијалог центарот – (НДЦ) Скопје и идните планови за соработка, особено за концептот за интеркултурно образование.

– Министерот Адеми го запозна Блакенборг дека концептот е прифатен од МОН и дека е стратешки приоритетен документ кој ќе одговори позитивно на прашањето за поделба на училиштата по етнички линии,  како и да придонесе за подобрување на квалитетот на наставата, во насока на обуки за наставници и измени во учебниците, како и за подобрување на условите за учење, при што преку интеркултурното образование ќе се даде голем придонес во подобрување на меѓуетничките односи во Република Македонија, што на подолг рок ќе придонесе да се постигне мир и стабилност.  Министерот Адеми за време на разговорите истакна дека во Нансен дијалог центарот гледа партнерска организација во спроведувањето на концептот за интекултурното образование во текот на идните години, соопшти МОН.

Адеми посочил дека во партнерство со Нансен дијалог центарот Скопје, Министерството веќе почнало да го имплементира концептот и дека како прв приоритет била дефинирана анализата на учебниците за што била формирана и работна група, која од следната недела ќе почне со анализа на учебниците од прво до петто одделение. Останатите учебници од основно и средно гимназиско образование, посочил Адеми, ќе бидат предмет на анализа до крајот на оваа година, а од учебната 2017/2018 година ќе се анализираат учебниците од средните стручни училишта.

– Претставниците на Министерството за надворешни работи на Кралството Норвешка беа информирани дека за спроведување на концептот за интеркултурно образование ќе бидат избрани десет училишта кои ќе бидат целосно трансформирани во текот на три години, како и за следниот приоритет на Министерството за образование и наука – обука на наставници, стручни тимови и директори на училиштата во врска со тоа како треба да се спроведе концептот и како да работат според програмата за интеркултурни активности. Преку Центарот за обука НДЦ Скопје во текот на следните три години се планира да се обучуваат сите наставници и директори на 10 избрани училишта, информира МОН.

Адеми на средбата соопштил дека во Министерството за образование и наука наскоро ќе се отвори сектор за интеркултурно образование, а за професионална поддршка на секторот ќе има три члена од Нансен дијалог центарот – Скопје.

АДЕМИ НОРВЕШКА 2

МОН соопшти и дека на маргините на посетата на Норвешка, Адеми имал средба со Торе Хатрем, државен секретар во МНР на Норвешка, на која се разговарало за образованието, политичката состојба и состојбата со мигрантите.

– На средбата беше истакната норвешката поддршката во некои области и дека поддршката во областа на образованието е од особена важност. Како позитивен пример на досегашната успешна поддршка беше потенцирана соработката помеѓу Министерството за надворешни работи на Кралството Норвешка и Нансен дијалог центарот Скопје во областа на образованието од која произлезе Концептот за интеркултурно образование, кој ќе биде многу значаен за меѓуетничките односи, мирот и стабилноста на земјата, информира МОН.