Цели четири часа Универзалната сала ечеше од смеа и тоа благодарение на умешно направениот рекапитулар на сето она што ја одбележа годината што ја оставивме зад нас.
Седумнаесеттата Златна Бубамара на популарноста не остави никого рамнодушен посебно заради посебниот шарм на Сашко Коцев, одлично смислена програма, „стратешки поделени“ награди, прекрасната музика и одличните домашни и балкански ликови.
Меѓу актуелните теми свое место си најде „густата магла“ со која мака мачевме во изминатите неколку месеци, а неизоставен дел беше и бесплатното скијање за сите пензионери. Даниел Кајмакоски од балканското шоу Х Фактор ја воодушеви публиката со своето веќе препознатливо пеење…
Но, тоа не беше се’
Наградата за трајни музички вредности заслужено припадна во рацете на Драган Каранфиловски- Бојс кој со својата „Валерија“ не’ врати години наназад, посветувајќи ја Бубамарата на својот доктор кој му помогнал во битката со тешката болест.
Наградата за спортист на годината заслужено замина во витрините на првата Македонка која што се искачи на покривот на светот, Ирина Арсова.
Претставата „Вечна куќа“ ја доби наградата за најдобра претстава, Зоран Џорлев за албум на годината. Препознатливата Сара Мејс, според академијата на Бубамара е најперспективна пејачка. А Даниел Кајмакоски со својот прекрасен глас и талент заслужено си замина со наградата откритие на годината.
Интересна група на повозрасни лица со целосна зимска опрема се појавија на сцената во Универзална потсетувајќи на мерката за бесплатно скијање за пензионерите.
Шеесет и осумгодишната баба Рада доби награда за нејзината емисија.
Со златната бубачка дома си замина и неповторливиот Игор Џамбазов за неговиот одличен концерт, а Тамара Тодевска е пејачка на годината.
На сцената на Универзална сала во полн сјај блесна и балканската дива Северина која во родната Хрватска ќе се врати со три статуетки и тоа за пејачка, албум и концерт на балканска ѕвезда.
Прерасната Катарина Ивановска имаше чест да ја додели наградата за најпопуларен млад актер која падна во рацете на двајца талентирани млади актерски ликови Атанас Атанасовски и Валентин Костадиновски.
На крајот од вечерта додека градот се подготвува за сон, ние си заминуваме со полно срце, болки во стомакот од премногу смеење и желба за видување со следната полнолетна Бубамара…