Премиерите на Србија и на Косово, Александар Вучиќ и Иса Мустафа денеска ќе имаат средба во Брисел, со што ќе продолжи дијалогот меѓу Белград и Приштина на високо ниво, пишува МИА.
Како што јави Танјуг, според најавите, главна тема на разговорите, кои ќе се водат со посредство на високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Федерика Могерини, ќе биде формирањето на Заедницата на српските општини во Косово, но се очекува да стане збор и за пресудата за еден од лидерите на косовските Срби, Оливер Ивановиќ, како и за воспоставување авиолинија меѓу Белград и Приштина и за употребата на регистарските таблички на возилата.
Одржувањето на денешната рунда разговори беше неизвесно, бидејќи Мустафа првично најави дека нема да патува надвор од Косово поради одлуката на Брисел да ја одложи либерализацијата на визниот режим за патување на косовските граѓани во државите од ЕУ. Сепак, тој ја промени ваквата своја одлука по најавите од Брисел дека визната либерелизација ќе биде тема на неговите разговори со Могерини.
Вучиќ во вторникот изјави дека тема на разговорите во Брисел ќе биде имплементацијата на она што е договрено на последната рунда преговори на високо ниво во август минатата година, нагласувајќи дека не сака однапред да го проценува разултатот од денешната средба.
Ние не си играме… и секогаш сме подготвени да разговараме, затоа што и најтешките состојби мораме да ги решиме со дијалог, рече Вучиќ.
Тој оцени дека Србија ја очекуваат тешки разговори со Приштина, но дека мора да се најде решение затоа што тоа е во интерес и на Србите и на Албанците од Косово.
Мустафа, од своја страна, исто така потврди дека на денешната средба ќе се разговара за спроведување на досега постигнатите договори.
Ќе разговараме и за можностите за постигнување договор за воздушен и железнички сообраќај меѓу Косово и Србија, но и Македонија, изјави Мустафа.