
Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, по повод празникот Свети Сава упати честитка до претставниците на српската заедница во Република Македонија.
Интегрален текст од честитката на Иванов:
Почитувани сограѓани,
Дозволете ми, во мое име и во името на сите граѓани во Република Македонија, да ви го честитам големиот празник Свети Сава.
На 27 јануари српската заедница во Република Македонија го слави денот посветен на Свети Сава – српски светец, просветител и државник.
Одбележувањето на денот на првиот српски архиепископ значи почитување на неговото дело и на неговата мисла, како трајни вредности кои ги надминуваат етничките рамки, давајќи пример за сите кои живеат на овие простори. Неговото дело и учење нè обединуваат во заложбата за создавање подобра иднина. Јакнејќи ги економските и културните односи меѓу двете земји создадовме отворена и постојана политичка поддршка која влијае на приклучувањето на нашите држави во големото европско семејство на народи.
Убеден сум дека двете заедници, македонската заедница во Република Србија и српската заедница во Република Македонија, се повеќе од мост на поврзување. Меѓусебната доверба, меѓусебната соработка и разбирање се темелат врз почитување и врз негување на традициите на сите граѓани преку развивање и промовирање на етничкото, јазичното и културното наследство. Наша цел и во иднина ќе биде да градиме мостови на пријателства меѓу двете земји, притоа градејќи ги иднината и просперитетот на нашиот регион.
За многу години празникот.
д-р Ѓорге Иванов