Познат идентитетот на пешакот што беше прегазен вчера во Охрид

Седумдесет и четири годишниот Иван Н. е пешакот што го загуби животот во тешката сообраќајна незгода што синоќа во 18 часот се случи на улицата „15 корпус“ во Охрид.

Сообраќајната незгода се случила кога сега починатиот движејќи се по улицата, на коловоз бил удрен од патничко моторно возило марка „Хјундаи Гец“ со охридски регистарски таблици кое се движело во правец кон селото Лескоец. На критичното место, на уличниот коловоз се случил удар со предниот дел од возилото врз сега починатиот. Тука, набрзо пристигнала медицинска екипа на брза помош која ја констатирала смртта на пешакот, информираат од СВР Охрид.

На местото на сообраќајната незгода, бил извршен увид во присуство на јавен обвинител, полициски екипи од полициската станица за безбедност во патниот сообраќај Охрид и овластено судско вешто лице за сообраќај.

Синоќа, за време на увидот од 18 часот до 21 часот, сообраќајот се одвиваше со пренасочување на возилата кон околните улици.

По наредба на јавниот обвинител, починатиот пешак е пренесен во Општа болница Охрид каде во текот на денешниот ден ќе се изврши обдукција.

Полициските службеници со потврда го одзедоа патничкото моторно возило за понатамошно вештачење а од возачот Г.Ј. (40) од Охрид земени се примероци од крв и урина за анализа.