Крстевски: Нови авиокомпании ќе воведат уште линии од нашите аеродроми

Нискобуџетните авиокомпании создаваат патници што порано имале навика да го користат автобускиот превоз и туристи кои сакаат да одат на кратки патувања, објаснува првиот човек на „ТАВ Македонија“ во интервју за „Телеграф“.

За шест години бројот на патници на двата аеродрома во земјава се зголемил за повеќе од двојно, а со раст од 20 отсто скопскиот е најбрзо растечки аеродром меѓу десетте најфреквентни аеродроми на поранешните југословенски простори, вели во интервју за Телеграф.мк, Зоран Крстевски, генерален директор на „ТАВ Македонија“.

Тој додава дека со владината поддршка на нискобуџетните компании се помага туризмот и генерално домашната економија.

– Mинатата година беше навистина успешна за „ТАВ Македонија“. Ги постигнавме очекуваните резултати во поглед на сообраќајот. Вкупниот број на патници на двата македонски аеродрома, „Александар Велики“ во Скопје и „Св. Апостол Павле“ во Охрид, изнесува 1.560.381 патник, што е пораст од 22 проценти во однос на 2014 година. Истовремено, вкупниот број на воздухопловни операции беше 15.510, со пораст од 11 отсто на годишно ниво – вели Крстевски.

Како што истакнува првиот човек на „ТАВ Македонија“, рекордната бројка на превезени патници е резултат на новите линии што се отворија во изминатите години. Тоа се 6. нови линии што лани се отворени од скопскиот аеродром, кон Женева (со „Свис ерлајнс“ во април) и кон Фридрихсхафен, Осло, Барселона, Хамбург и Нинберг (со „Визер“, во јуни и во јули), како и двете нови редовни линии кои се од охридскиот аеродром, до Лондон и до Базел.

– Во моментов од скопскиот аеродром „Александар Велики“ оперираме на вкупно 30 патнички и една карго-дестинација, а во редовниот сообраќај се 15 патнички авиокомпании и една карго-авиокомпанија. Од охридскиот аеродром оперираме на 3 редовни дестинации и многу чартер-летови, чиј број е особено зголемен во текот на летниот период, поради туристичкиот карактер на охридскиот регион – вели Крстевски.

– Ова, впрочем, го покажува и нашата статистика, за движењата во авиосообраќајот во последните шест години. Ако во 2010-та имавме само 729.297 патници на двата аеродрома, споредбата со вкупниот број патници лани 1.560.381, покажува дека за шест години бројот на патници се зголемил повеќе од двојно – објаснува Крстевски за Телеграф.

Според податоците, поголемата понуда на дестинации и пристапните цени го раздвижиле авиосообраќајот, при што сè повеќе патуваат млади луѓе, цели семејства, како и нашите иселеници од дијаспората. Од друга страна и многу туристи и бизнисмени сè повеќе ја откриваат Македонија, а летањето, како што вели Крстевски, стана можност на сите граѓани поради пристапните цени на авиобилетите. Тој истакнува дека, исто така, во последните неколку години има сè повеќе патници и од соседните земји, односно од Косово, Србија и од Албанија.

avion-vizer-640x425

Целото интервју може да го прочитате на Телеграф.мк