Министерот за економија, Ваљон Сараќини и генералниот директор на МЕПСО, Синиша Спасов денеска беа во работна посета на Полошкиот регион, каде го означија почетокот на изградба на третата секција од далекуводот на двосистемски 110 кV ХЕЦ Вруток – ТС Тетово, во атарот на селото Брвеница.
Станува збор за еден од инфраструктурните проекти на Владата, финансиран со кредит од Европска Инвестициона Банка, кој се состои од три независни секции, со вкупна должина од 33 км. Вкупната инвестиционата вредност на проектот е околу три милиони евра, а изведувач на работите е компанијата ЕМО – Охрид.Во досегашниот период е испорачана и инсталирана опрема во вредност од 82,5 отсто од вкупната вредност на целокупната инвестиција.
„Би сакал да истакнам дека во вредност од 1,27 милиони евра е реализирана и набавка на нова примарна и секундарна опрема во 110 киловолтните трансформаторски станици: Југохром, Полог, Тетово 1, Тетово 2, Гостивар и Вруток. Притоа е заменета со нова постоечка високонапонска опрема, со што значајно е зголемена доверливоста на електроенергетските постројки кои се дел од преносната мрежа. Според планот на реализацијата се предвидува далекуводот да биде комплетно изграден и пуштен во погон во септември 2014 година“, истакна министерот Сараќини, додавајќи дека успешното и брзо завршување со изградба на целиот далекувод, ќе придонесе за подобрување на напонските прилики во Полошкиот дел од регионот во целост, како и обезбедување на квалитетна и навремена испорака со електрична енергија на потрошувачите од тој регион.
„А покрај за граѓаните, овој проект е подеднакво значаен и за деловната заедница во Полог, бидејќи квалитетната испорака на електрична енергија е неопходна и за сите сегашни и идни потенцијални инвеститори во Општините Тетово и Гостивар и нивната непосредна околина“, рече министерот за економија за време на посетата.
Во оваа последна трета фаза ќе бидат изградени вкупно 38 столбови, а се очекува изградбата да заврши до оваа есен по што под напон ќе се стави целиот далновод со 133 поставени челично решеткасти столбови. Од МЕПСО информираа дека поставувањето на два системи за пренос на електрична енергија водот има двојно поголем капацитет со што се решава снабдувањето со електрична енергија на Полог во следните десеттина години.
„Со цел да ги подобриме напонските прилики во тетовскиот регион ние формираме еден прстен, така што освен далноводот Вруток – Тетово во следниот перидод кон крајот на април и почетокот на мај ќе се започне со изградба и на 110 киловолтен далекувод, на постоечката траса Скопје – Југохром – Тетово во должина од 48,6 километри со инвестициска вредност од 3,9 милиони евра“, изјави генералниот директор на МЕПСО Спасов.