Предлогот на СДСМ предвидува зголемување на казните за медиумите, комплетната раководна структура на Управниот одмор на Агенцијата за медиуми и МРТВ да биде составена исклучиво од лица кои што работат во НВО финансирани од СОРОС. Тоа треба да значи дека Република Македонија целата медиумска сфера ќе ја отстапи на фондацијата СОРОС.
Предлогот кој што го достави СДСМ за ВМРО-ДПМНЕ е комплетно неприфатлив, таква регулација нема ниту во една европска држава и светот. Прелогот значи понатамошна деструкција, истакна денес пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски пред почетокот на состанокот на работните групи вечерва во Клубот на пратениците.
Како што нагласи, првенствено, во многу делови предлогот е спротивен на Уставот на Република Македонија и е спротивен на Европската конвенција за човекови права кој што гарантира слобода на мислење став и изразување.
Предлогот на СДСМ предвидува зголемување на казните за медиумите, комплетната раководна структура на Управниот одмор на Агенцијата за медиуми и МРТВ да биде составена исклучиво од лица кои што работат во НВО финансирани од СОРОС.
Односно тоа треба да значи дека Република Македонија целата медиумска сфера ќе ја отстапи на фондацијата СОРОС и тие ќе одлучуваат кој медиуми ќе работи а кој медиум нема да работи, како да работи, дали смее или не смее да зборува, дали смее или не смее да има емисии, рече Димовски.
Понатаму, додава Димовски, во предлогот на СДСМ се предвидени нови одредби со кои што тие предвидуваат казни за т.н. професионално новинарство, односно дали одреден прилог е објективен или необјективен дали е професионален или непрофесионален, дали во себе има повеќе опфатено повеќе страни и слично.
Врз база на субјективна проценка на Агенцијата за медиуми ќе може да се изрекуваат најтешки казни за медиумите, вклучително и одземање на концесија, односно бришење од регистар на медиуми. Во сликовита претстава тоа би значело дека доколку одреден медиум, односно новинар во Македонија излезе со став дека Кире Лазаров е добар ракометар, но ако во прилогот не обезбеди некој кој што ќе каже дека Кире Лазаров е лош ракометар тоа ќе значи дека е неизбалансирано и дека ги нема двете страни, или пак ако некој новинар осуди педофилско однесување и не обезбеди втора страна која што ќе го правда тој педофил тоа исто така ќе значи дека прилогот е пристрасен и дека ги нема двете страни, објаснува Димовски.
Како што посочи, со предлогот на СДСМ се брише обврската да се емитува програма на македонски јазик и на јазиците на помалите етнички заедници, но останува обврската да се емитува програма на друг странски јазик.
Па доколку не емитуваат програма на македонски немате никаков проблем, но на пример доколку не емитувате програма на грчки јазик може да имате проблем со законот, односно може да ви биде одземена концесијата. Се на се предлогот е фрапантно лош, еднакво лош како стариот предлог кој што го имаа пред 2-3 месеци и ние едноставно не можеме да сфатиме во какво опкружување работаат и размислуваат, подвлече Димовски.
СДСМ е решен и тоа е очигледно, продолжи Димовски, да создава конфликти, проблеми и деструкција. Предлозите од СДСМ не само што беа одбивани од ВМРО-ДПМНЕ туку беа одбивани и од ЗНМ, МАН, како и од Асоцијацијата на медиуми, експерти, граѓани и новинари.
ВМРО-ДПМНЕ останува на ставот дека актуелниот закон за медиуми е изработен во согласност со сите европски стандарди и ги има добиено сите позитивни оценки од релевантните меѓународни институции кои учествуваа во подготовката на овој закон, како и релевантните здруженија на новинари во Македонија, додава Димовски.
Димовски подвлече дека од моментот на распуштање на Собранието кое е за 20 дена на сила стапуваат одредбите за медиуми кои што ги има во Изборниот законик а кои се усогласени помеѓу партиите и изгласани се едногласно.
Доколку ваквиот став не е прифатлив јас денеска со мене ги носам сите закони за медиуми на европските држави ќе ги поставам на маса на преговорите и ќе ги замолам претставниците од СДСМ и ќе ги замолам кој закон сакаат од ЕУ да го изберат и да го преведеме, да го изгласаме и да го имплементираме што е можно побрзо, порача Димовски.