Во предлогот на СДСМ се предвидени нови одредби, вели пратеникот Илија Димовски. Со новите одредби се предвидуваат казни за т.н. професионално новинарство, односно дали одреден прилог е објективен или необјективен дали е професионален или непрофесионален, дали во себе има повеќе опфатено повеќе страни и слично.
Врз база на субјективна проценка на Агенцијата за медиуми ќе може да се изрекуваат најтешки казни за медиумите, вклучително и одземање на концесија, односно бришење од регистар на медиуми.
Во сликовита претстава тоа би значело дека доколку одреден медиум, односно новинар во Македонија излезе со став дека Кире Лазаров е добар ракометар, но ако во прилогот не обезбеди некој кој што ќе каже дека Кире Лазаров е лош ракометар тоа ќе значи дека е неизбалансирано и дека ги нема двете страни, или пак ако некој новинар осуди педофилско однесување и не обезбеди втора страна која што ќе го правда тој педофил тоа исто така ќе значи дека прилогот е пристрасен и дека ги нема двете страни. Или пак предвидуваат во контактните емисии задолжително да се запази еднаква можност за граѓаните да ги искажуваат различните ставови, односно ако 5 луѓе се јават и го нападнат Град Скопје затоа што некој булевар е направен или не е направен, телевизијата ќе мора да обезбеди и 5 граѓани кои што ќе го бранат Град Скопје, во противно Советот на Агенцијата според предлогот на СДСМ ќе може да одземе лиценца, објаснува Димовски.
Со предлогот на СДСМ се брише обврската да се емитува програма на македонски јазик и на јазиците на помалите етнички заедници, но останува обврската да се емитува програма на друг странски јазик.
Па доколку не емитуваат програма на македонски немате никаков проблем, но на пример доколку не емитувате програма на грчки јазик може да имате проблем со законот, односно може да ви биде одземена концесијата. Се на се предлогот е фрапантно лош, еднакво лош како стариот предлог кој што го имаа пред 2-3 месеци и ние едноставно не можеме да сфатиме во какво опкружување работаат и размислуваат, подвлече Димовски.